Согласно со информациите од дипломатско-конзуларното претставништво во Солун, до овој момент од надлежните грчки институции не е добиена официјална информација за бројот на евакуирани македонски државјани од подрачјата зафатени со пожарите во Грција, информираа од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
-Македонски државјани телефонски се обратиле до претставништвото за информации, при што им биле пренесени упатствата и насоките издадени од надлежните грчки власти, информираат оттаму.
Од МНРиНТ додаваат дека Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, преку дипломатско-конзуларното претставништво во Солун, внимателно го следи развојот на состојбата.

-За дополнителни информации и итна помош, на располагање се дежурниот телефонски број на Министерството +389 75 268 736, електронската адреса [email protected], како и дежурните телефонски броеви на Конзулатот на Република Северна Македонија во Солун: +30 694 526 8068 и +389 71 323 001, наведуваат од МНРиНТ.
Од Министерството апелираат до македонските државјани кои се наоѓаат во засегнатите подрачја внимателно да ја следат состојбата и да ги почитуваат упатствата и насоките на надлежните локални власти.

