Од вечерва, на плоштадот во Валандово, ќе бидат изложени новите уметнички дела кои настанаа како дел 29-тата Меѓународна ликовна колонија, во организација на Домот на културата „25 Мај“ – Валандово. Како што соопштуваат од Општина Валандово, на ликовната колонија која се одржа изминатава недела учествуваа уметници од Македонија, Турција, Грција, Албанија и Бугарија. Нивните дела ќе бидат дел од уметничкото богатство и сопственост на градот Валандово, велат од Општината.

-Десет уметници со десет различни погледи кон светот имаат една заедничка приказна – Валандово како место што инспирира, зближува и остава трага беа дел од годинешната 29. по ред ликовна колонија. Учесниците не ги понесоа со себе само своите нови дела, туку и убавите спомени од престојот во нашиот град, за што говорат и нивните пофални зборови за гостопримството, атмосферата и луѓето во Валандово – велат од Општината.

Учесниците на годинешната колонија остварија и прием кај градоначалникот на Валандово, Ѓоко Камчев, на кој, како што информираат општинските власти, размениле искуство и мислења за уметноста, творештвото и значењето на оваа традиционална културна манифестација.

