Градоначалникот Максим Димитриевски, претседателката на Советот Ивана Ѓорѓиевска и директорот на ЈП „Чистота и Зеленило“ Сашо Томиќ, денеска извршија увид во градежните работи за целосна реконструкција на капелата и партерното уредување. Тие ја најавија и претстојната голема акција за чистење на градските гробишта пред празникот Голема Богородица.

Реконструкцијата на капелата е проект во вредност од 36 милиони денари, аплициран од Општина Куманово и се реализира преку Министерството за транспорт и врски и Владата на Република Македонија.
-Ова е проект што Општина Куманово го аплицираше директно во Министерството за транспорт и врски во износ од 36 милиони денари. Сакам да се заблагодарам на ресорниот министер Александар Николоски што проектот беше прифатен и потврден од страна на Владата. Денеска веќе има избрано изведувачи и се реализира целосната реконструкција на капелите и партерното уредување. Верувам дека работите ќе завршат во предвидениот рок- рече Димитриевски.


Тој ја информираше кумановска јавност дека следната недела ќе се одржи голема акција за чистење на градските гробишта во пресрет на празникот Голема Богородица.
-Ги поканувам сите граѓани кои имаат семејни гробни места да се вклучат, бидејќи тоа е нивна обврска кон сопствениот имот, за заедно да му дадеме достоинствен лик на местото каде што почиваат нашите предци-рече Димитриевски.

Директорот на претпријатието, Сашо Томиќ кажа дека ќе обезбедат опрема, алатки, поддршка од општествено-одговорни компании за акцијата. Претседателката на советот, Ѓорѓиевска рече дека во акцијата ќе учествуваат сите советници. Тие апелираа сопствениците на семејни гробни места, да се вклучат во големата организирана акција за чистење на градските гробишта, која ќе се одржи следната недела.

