Оризопроизводителите од Кочанскиот регион на средба со новиот министер за земјоделство побараа итно решавање на проблемот со ниската откупна цена на оризовата арпа. Велат дека моментално килограм арпа се откупува од 18 до 20 денари, што е далеку под производните трошоци. Поради поскапувањето на нафтените деривати и останатите репроматеријали, бараат утврдување на нова производна цена, како и закон и правилник со кои ќе се регулира откупот и ќе се заштитат домашните производители.
„Ние очекуваме дека ќе имаме нова производна цена која ќе изнесува околу 30 денари. За жал, кај откупувачите тоа не поминува и ова сега што се случува со оризовата арпа, која ја земаат по 18 денари. Ние, како оризопроизводители, ќе останеме доследни на нашите барања. Од самиот министер и Владата ќе бараме да се изготви закон и правилник за откуп на оризовата арпа“, изјави Тони Максимов, оризопроизводител.
Оризопроизводителите предупредуваат дека со сегашните цени производството е нерентабилно. Поради тоа бараат минимална откупна цена од 35 денари за килограм, во спротивно велат дека оризот ќе ја доживее судбината на многу други земјоделски култури од кои производителите веќе се откажале.

„Не може производната цена да биде 25 денари, а да се откупува за 18. Барањето беше, а и договорот, 25 проценти над производната цена, за да можеме да го одржиме земјоделието. Не да живееме, туку да преживееме. Сега откупната цена за 2026 година треба да биде минимум 35 денари, во спротивно оризот ќе ја доживее судбината како многу други култури што веќе се изумрени“, изјави оризопроизводителот Здравко Арсов.
Пред почетокот на новата жетва, која треба да почне за околу месец и половина, бараат Владата да помогне во отворање на странски пазари и извоз на македонскиот ориз. Според нивните проценки, во амбарите сè уште има околу 10.000 тони непродаден ориз од претходните реколти, што дополнително го отежнува откупот на новиот род.

