Македонија прави чекор напред кон поквалитетен и пообјективен систем на оценување во образованието. Новиот концепт на државната матура, не само што донесе добри оценки од учениците, туку и од професорите. За вторите, учениците конечно решаваат тестови соодветни на она што го изучуваат за време на четиригодишното образование. Просечната оценка од 3,66 е солидна, но се стремат и очекуваат крајните бројки од идната година да бидат уште подобри.
„Идентични се со ланските, проблемот е дека очекуваме промени преку ноќ, мене ми се допаѓа што се работи на препишување, бидејќи кога ќе се реши проблемот, иако оценката што и сега ја имаме не е лоша но може и подобро, се работи на намалување на препишувањето за да немаме лажна слика за знаењето на учениците. Оценката е солдина, не можеме да кажеме дека е одлична но сите да го дадеме својот максимум и влијаеме на оценката, не може да го реши тоа министерството, но сите учесници и тестатори ја имаат најважната улога за да се реализира се законски на испитите, се надевам дека во иднина резултатите ќе бидат пореални и подобри“– вели професорката Дијана Петрова.
Резултатите овој пат покажаа дека мајчиниот јазик им беше посилна страна на матурантите од англискиот. Професорите велат дека овие резултати се охрабрувачки, но сепак упште треба да се работи и тоа сите заедно- и наставниците но и учениците.

„Сметам дека не се свесни учениците дека треба малку поодговорно да пристапуваат кон матурата, а не една или две седмици или 1 месец да учат за истата. Охрабрувачки е дека по македонски јазик има подобри резултати од англискиот и е за пофалба за учениците за нивната одговорност кон предметот. Иако не е доволна и треба да се развива уште повеќе, потребата да се надоградува лексиката, вокабуларот, иако им е многу сиромашен тие работат на план да се зголеми фондот на зборување со читање дела.“– вели професорката Митра Мими Спасова.
Инаку првата матура организирана според новите правила заврши со просечна оценка 3,66. Министерството за образование заедно со Државниот испитен центар се задоволни од овој просек, што е речиси на исто ниво со ланскиот. Дел од учениците наместо диплома ќе добијат уште една шанса во август, а борбата против препишувањето резултираше со 226 поништени тестови.

