Реклама

Некои маркети ја зголемиле маржата за 2-5%, Мицкоски ќе ги повика на состанок

СДСМ си најде нови непријатели: Сите што не се согласуваат со Филипче, работеле за Мицкоски, барем според Филипче

Се продаде луксузното ауди на Мерко, со парите ќе се вратат само дел од долговите во кои ја заглави Општина Струга

Пред пратениците ребалансот на буџетот, поднесени над 200 амандмани

ЕУ: Изборниот законик е добро подготвен, очекуваме надминување на блокадата

Македонската армија се модернизира со воена опрема вредна над 40 милиони евра

ЕУ ги наградува реформите: Македонија пред можност да добие дополнителни пари за инфраструктура

Михалис Рокас со пофалби за реформите: ЕУ гледа голем напредок во реформската агенда на Македонија

Рокас: Навистина гледам забрзување на реформите, измените на Изборниот законик се добри и се надевам дека партиите ќе постигнат консензус

Нова економска реалност: Одржливоста станува клуч за економскиот развој

3 до 4 пати е поголем растот на платите споредено со времето на минатата власт

Мицкоски и Николоски од Неготино: Македонија е големо градилиште, се гради на над 1200 локации

Македонија

Димитровски: Одржливоста на компаниите и на економијата не е дестинација, туку едно патување и трансформација

Одржливоста на компаниите и на економијата не е дестинација, туку едно патување…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Одржливоста на компаниите и на економијата не е дестинација, туку едно патување и трансформација. Компаниите што ќе успеат не мора да бидат најголемите, туку оние што најбрзо се приспособуваат, најмногу иновираат и градат отпорност преку начинот на кој работат, изјави меѓудруготото заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија Зоран Димитровски денеска на завршната сесија на конференцијата „Претворање на одржливоста во конкурентност: Градење отпорни бизниси во неизвесен свет“, во организација на канцеларијата на ОН, а во соработка со Стопанската комора и МНР и НТ.

Димитровски нагласи дека учесниците на конференцијата, чија бројка како што посочи достигнала над 200, се согласиле дека одржливоста повеќе не е само услов за усогласеност, туку сè повеќе претставува услов за конкурентност, отпорност и пристап до меѓународните пазари.

Тој истакна дека бизнисите што рано инвестираат во ефикасно користење на ресурсите, иновации, одговорно управување и развој на работната сила се подобро позиционирани да управуваат со ризиците и да ги искористат новите пазарни можности. Додаде дека од суштинско значење ќе биде поблиската соработка меѓу Владата, приватниот сектор, финансиските институции, стопанските комори и развојните партнери со цел да се обезбеди одржливоста да стане двигател на економскиот раст, извозот и отпорноста на земјава. 

Реклама

Димитровски во заклучното обраќање ги изнесе препораките, кои произлегле од конференцијата од кои првата е воспоставување национална платформа со учество на сите засегнати страни, која ќе промовира одржливи деловни практики, ќе ги поддржува компаниите во подобрувањето на нивната конкурентност и отпорност и ќе го забрза придонесот на приватниот сектор кон одржлив и инклузивен развој во Македонија.

Појасни дека е потребно воспоставување платформа за јавно-приватно партнерство како механизам за координација што ќе ги обедини Владата, деловните комори, финансиските институции, академската заедница и развојните партнери.

Како втора препорака, која произлегла од дискусиите е дека на малите и средните претпријатија им е потребна попрактична поддршка, поедноставени насоки, техничка помош и поприфатливо финансирање за да учествуваат во транзицијата кон одржливост. Тоа подразбира, додаде тој, забрзување на подготвеноста на малите и средните претпријатија, како и на големите компании, за барањата на пазарот на Европската Унија преку забрзана имплементација на мерките од Стратегијата за промоција на извозот. Димитровски појасни дека овие мерки ќе им помогнат на компаниите да се подготват за ESG-известување, механизмот за јаглеродно прилагодување на границите (CBAM), одржливите синџири на снабдување и другите еволуирачки барања на ЕУ.

-Зголемување на постојаните програми за поддршка на одржливоста на малите и средните претпријатија и обезбедување единствена шалтерска точка, преку која компаниите лесно ќе можат да добијат информации за грантови, советодавни услуги, обуки, поддршка за извоз и зелено финансирање – рече Димитровски.

Тој нагласи дека во рамки на нивните дипломатски активности, особено во контекст на поддршката на домашните компании, малите и средните претпријатија и големите извозници во процесот на транзиција кон зелена економија, постојано ја отвораат темата за механизмот CBAM, кој претставува една од новите бариери што ги воведува ЕУ.

Во наредниот период, додаде Димитровски, имајќи го предвид Планот за раст на Европската Унија за земјите од Западен Балкан, кој треба да се реализира до 2027 година, потребно е да се размислува за нови механизми за поддршка.

-Нашата заложба е земјите од Западен Балкан да имаат пристап до слични фондови и финансиски инструменти како компаниите од ЕУ за спроведување на зелената транзиција – рече заменик-министерот.

Како следна активност го посочи развојот на вештините за одржлива извозна конкурентност преку зајакнување на партнерствата меѓу бизнисните, универзитетите и институциите за стручно образование, со цел развој на практични знаења во областа на ESG, дигитализацијата, ресурсната ефикасност, одржливото производство и подготвеноста за извоз. Особено внимание, додаде Димитровски, треба да се посвети на секторите идентификувани во Стратегијата за промоција на извозот, вклучувајќи ги производството, прехранбената индустрија, хемиската индустрија, металната индустрија и текстилниот сектор.

Трета препорака од Конференцијата е дека одржливото финансирање треба да стане подостапно, попредвидливо и подобро приспособено на потребите на компаниите во различните фази од нивната ESG-транзиција.

Се предлага, додаде Димитровски, проширување на пристапот до комбинирано финансирање преку поврзување на јавните стимулации, средствата од меѓународните финансиски институции и комерцијалното кредитирање за инвестиции во енергетска ефикасност, обновливи извори на енергија, дигитализација, циркуларна економија и почисто производство.

-Потребно е и поедноставување на процедурите за аплицирање и користење техничка помош за подготовка на квалитетни банкарски проекти. Во текот на дебатата беше истакнато дека и домашните банки и финансиските институции треба да обезбедат поповолни кредитни линии за поддршка на транзицијата на компаниите кон одржливо работење – рече тој.

Четврта препорака е дека стопанските комори имаат клучна улога како посредници што можат сложените барања за одржливост да ги претворат во практични решенија за компаниите. Се предлага, рече Димитровски, поддршка за стопанските комори да станат центри за обезбедување услуги поврзани со одржливоста преку проширување на ESG-советувањето, менторството за извоз, поврзувањето на компаниите, развојот на добавувачите, поддршката за сертификација и програмите за учење преку размена на искуства, особено за малите и средните претпријатија кои настапуваат на пазарот на ЕУ.

Како петта препорака од Конференцијата е посочена потребата од мерење на напредокот преку национална контролна табла за одржлива конкурентност.

Димитровски појасни дека се предлага развој на заедничка рамка за следење на напредокот во корпоративната одржливост, диверзификацијата на извозот, зелените инвестиции, примената на ESG-стандардите, пристапот до финансии и усогласеноста со барањата на пазарот на ЕУ. Исто така, додаде заменик-министерот се предлага редовно објавување годишни извештаи за напредокот, кои ќе придонесат за подобро креирање политики и поголема отчетност.