Македонија е претворена во големо градилиште. Се гради на повеќе од 1.200 локации низ целата држава. Од нови улици и патишта, до водоводи, канализации, паркови и плоштади.Градежните машини работат во речиси секој крај, Еден од градовите каде што веќе се гледаат конкретни резултати е Неготино,каде што со инвестиции вредни над четири милиони евра се реализираат 12 инфраструктурни проекти.
„Првично направивме посета на улицата 29 Ноември, проект што е во вредност од над 28 милиони денари, финансиски средства обезбедени од Министерство за транспорт, каде што беше опфатена реконструкција на улица од три краци и беше променета комплетно водоводната и канализациската мрежа, промена на стари азбестни цевки и притоа беше асфалтирано во должина од над 725 метри. Во моментот се наоѓаме на градежен објект, реконструкција на кружен тек и улиците Христо Ботев, Маршал Тито, Партизанска, каде што имаме изградба на кружен тек. Се работи за проект што е финансиран преку втор повик на Влада на Република Македонија, исто така преку Министерство за транспорт. Вкупната вредност на овој проект изнесува над 33 милиони 405 илјади денари. Проектот е доста комплексен и опфаќа градежен дел, каде што е предвидено изградба на нови улици со кружен тек. Проект, градежен дел, каде што е предвидено исто така мостовска конструкција, покривање на дел од речното корито. Електротехнички проект, кој предвидува задржување на старите енергетски водови и поставување нови модерни канделабри и хидротехнички проект, кој исто така предвидува регулациско уредување во делот на речното корито – покривање и дополнителна изградба на мостовска конструкција“, изјави Марија Нацева – градоначалничка на општина Неготино.
Владата најавува дека инвестицискиот циклус продолжува, со цел подобра инфраструктура, поквалитетни јавни услуги и подобри услови за живот во сите општини низ државата.

„Денеска, Македонија е едно големо градилиште, се гради на повеќе од 1.200 локации на целата територија на државата, нешто што досега е незабележано во поновата историја на независна Македонија. И ќе продолжиме и понатаму да ги довршуваме овие проекти. Единствено, лоша вест за сето ова што се случува во државата е оние што не ѝ мислат добро на на државата, оние што не сакаат Македонија да успее. Само тие не успеваат да го видат сето она што оваа Влада и овие градоначалници го прават за граѓаните. Таа е наша инспирација да продолжиме да работиме уште попосветено во периодот што следува затоа што по децении, по повеќе години, децении, би рекол, стагнација и просечност, очекуваме, конечно, од оваа година да почнеме сето она што го стабилизиравме во изминатите две години, да почнеме да го реализираме и да излегува на виделина она што ќе додаде квалитет во животите на нашите сограѓани – истакна премиерот во изјавата за медиумите“, изјави Христијан Мицкоски – премиер на Македонија
„Драго ми е, со една нова енергија што градоначалничката ја внесе, се забрзуваат голем број проекти со поддршката од Советот, со поддршката исто така од пратеникот, со поддршката од Владата и лично од премиерот Мицкоски, овде имаме навистина една комплетно нова слика за општина Неготино. Мислам дека тоа многу значи и за локалното население и за локалното стопанство. Во моментот, само преку програми, кои се од Владата преку Министерството за транспорт, се инвестираат речиси 246 милиони денари или над четири милиони евра во изградба на улици, водоводни и канализациски системи, понатаму – паркови, кружен тек, плоштад, така што многубројни се проектите што се работат или ќе се работат во Неготино и ќе продолжиме во следниот период да ја поддржуваме Општината, да ја поддржуваме градоначалничката, а со новите можности што се отвораат исто така ќе разговараме и за нови проекти“, изјави Александар Николоски – вицепремиер и министер за транспорт и врски
Најголемиот градежен бран се гледа токму на патиштата. Низ целата држава се градат и реконструираат автопати, експресни и регионални патни правци, додека механизацијата не запира ниту на локалните улици… Истовремен се вложува и во нови водоводи, канализации и комунална инфраструктура, а паралелно никнуваат нови училишта,градинки, спортски сали и здравствени објекти.
