Премиерот Христијан Мицкоски и вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски извршија увид во градежните активности на неколку локации при денешната посета на општина Неготино.
Премиерот Мицкоски ѝ честита на Општина Неготино за посветената работа – на градоначалничката, на советниците, на администрацијата што ја поддржува работата на градоначалничката, на пратеникот кој доаѓа од Неготино, кој секогаш се бори за проект повеќе, за посветеноста на неговиот колега од Владата, како и на сите други владини колеги.
– Бидејќи, денеска, Македонија е едно големо градилиште, се гради на повеќе од 1.200 локации на целата територија на државата, нешто што досега е незабележано во поновата историја на независна Македонија. И ќе продолжиме и понатаму да ги довршуваме овие проекти. Единствено, лоша вест за сето ова што се случува во државата е оние што не ѝ мислат добро на на државата, оние што не сакаат Македонија да успее. Само тие не успеваат да го видат сето она што оваа Влада и овие градоначалници го прават за граѓаните – рече премиерот.

Тој им се заблагодари и на граѓаните за поддршката.
– Таа е наша инспирација да продолжиме да работиме уште попосветено во периодот што следува затоа што по децении, по повеќе години, децении, би рекол, стагнација и просечност, очекуваме, конечно, од оваа година да почнеме сето она што го стабилизиравме во изминатите две години, да почнеме да го реализираме и да излегува на виделина она што ќе додаде квалитет во животите на нашите сограѓани – истакна премиерот во изјавата за медиумите.
Вицепремиерот и министер за транспорт Николоски изрази задоволство од денешната посета и од тоа, како што рече, да се види колку многу проекти или се завршуваат, или се работат, или ќе почнат да се работат.
– Драго ми е, со една нова енергија што градоначалничката ја внесе, се забрзуваат голем број проекти со поддршката од Советот, со поддршката исто така од пратеникот, со поддршката од Владата и лично од премиерот Мицкоски, овде имаме навистина една комплетно нова слика за општина Неготино. Мислам дека тоа многу значи и за локалното население и за локалното стопанство. Во моментот, само преку програми, кои се од Владата преку Министерството за транспорт, се инвестираат речиси 246 милиони денари или над четири милиони евра во изградба на улици, водоводни и канализациски системи, понатаму – паркови, кружен тек, плоштад, така што многубројни се проектите што се работат или ќе се работат во Неготино и ќе продолжиме во следниот период да ја поддржуваме Општината, да ја поддржуваме градоначалничката, а со новите можности што се отвораат исто така ќе разговараме и за нови проекти – изјави Николоски.
Градоначалничката на општина Неготино, Марија Нацева, им се заблагодари на Владата и на Министерството за транспорт и на сите други што помагаат во развојот на општините во државата.
– Првично направивме посета на улицата 29 Ноември, проект што е во вредност од над 28 милиони денари, финансиски средства обезбедени од Министерство за транспорт, каде што беше опфатена реконструкција на улица од три краци и беше променета комплетно водоводната и канализациската мрежа, промена на стари азбестни цевки и притоа беше асфалтирано во должина од над 725 метри. Во моментот се наоѓаме на градежен објект, реконструкција на кружен тек и улиците Христо Ботев, Маршал Тито, Партизанска, каде што имаме изградба на кружен тек. Се работи за проект што е финансиран преку втор повик на Влада на Република Македонија, исто така преку Министерство за транспорт. Вкупната вредност на овој проект изнесува над 33 милиони 405 илјади денари. Проектот е доста комплексен и опфаќа градежен дел, каде што е предвидено изградба на нови улици со кружен тек. Проект, градежен дел, каде што е предвидено исто така мостовска конструкција, покривање на дел од речното корито. Електротехнички проект, кој предвидува задржување на старите енергетски водови и поставување нови модерни канделабри и хидротехнички проект, кој исто така предвидува регулациско уредување во делот на речното корито – покривање и дополнителна изградба на мостовска конструкција – рече Нацева.
Но, додаде, не се застанува овде.
– Општина Неготино има почнато и многу други проекти, кои се во тек на реализација. Следната недела правиме вовед во работата за почнување реконструкција на тротоарите на улицата Маршал Тито и Партизанска, исто така набргу и реконструкција на улицата Маршал Тито, и тоа сите проекти потпомогнати од Министерство за транспорт преку Владата на Република Македонија. Меѓутоа, освен градежните активности, кои Општина Неготино ги спроведува, ние не ги забораваме и стопанствениците и бизнис-секторот, Општина Неготино изработи урбанистички проекти. Во моментот, комисијата за продажба на градежно земјиште подготвува јавен оглас, кој ќе биде објавен до крајот на јули. Ќе имаме продажба на 15 парцели со намена Г2, лесна и незагадувачка индустрија, и тоа во големина од над 117.000 квадратни метри, исто така и подготовка за продажба на парцели за фотоволтаици и фотоволтаични централи, кои исто така се со површина од над 120.000 квадратни метри – информира Нацева.
