Ништо од апелите на сестрите Ѓорѓиевски за спас на близу петстотини крави. Институциите не остапуваат и го спроведуваат решението на поранешниот министер Љупчо Николовски за одземање на добитокот. По прилогот на Алфа ветеринари од Агенцијата за храна во соработка со СВР Крива Паланка извршиле нов надзор. Оттаму велат дека направиле неуспешен обид за одземање на говедата, како што предвидувале веќе донесените решениеја.
„Како и во неколкуте обиди за одземање на животните досега, сопствениците на говедата од трите одгледувалишта, денес и едно непознато лице, ги спречиле официјалните ветеринари и полициските службеници во спроведувањето на вонредниот инспекциски надзор, растерувајќи ги десеттината говеда кои се наоѓале во близина на една од шталите, со што е оневозможено нивното идентификување и проверка на здравствениот статус, а со тоа и спроведувањето на решенијата за одземање… Постапката за одземање на животните ќе продолжи“, велат од Агенцијата за храна и ветеринарство.
АХВ денеска се обиде да го спроведе решението изготвено во април минатата година во кое стои дека добитокот наводно не бил чуван во соодветни услови со што бил прекршен Законот за благосостојба на животните. По сторијата на „Алфа“ се огласи и локалната самоуправа. Првиот човек на Крива Паланка одржа прес конференција на која порача дека државата и институциите мора да го почитуваат законот и да го спороведат решението во целост.

„Ова не е само проблем на една партија или поединци кои што бараат внимание. Проблемот со напуштениот добиток е проблем за секој еден жител на Крива Паланка и секој еден кој што бил гостин на Крива Паланка. Нашите граѓани се заложници на едно семејство кое што се претставува како чесни земјоделци, сточари, а во позадина врши тортура и на животните и граѓаните и сето тоа од лична причина, материјални причини. Како прв човек на општината се чувствувам повикан од вчерашното појавување на семејството одгледувачи токму на една од националните телевизии, со намерно спинување на виситната, се со цел да предизвикаат емоција кој секој еден кој не е запознаен со проблемот“, изјави Сашко Митовски, градоначалникот на Крива Паланка.
И дел од жителите на градот и околината коментираа дека ова бил проблем со кој се соочуваат подолг период, тврдат дека кравите им влегувале во нивите и дворовите, а неретко излегувале и на главниот пат кој води кон границата со Бугарија.
„…Сестрите да не глумат жртви, таткото од казино нека излезе и нека си ги прибере. Со години наназад, без разлика кој е на власт, кравите се пуштени низ градот и прават штета…“
„…Најмногу страдаат животните, бидејки слободно шетаат, барајќи храна и засолниште, а штетата што секојдневно ја прават никој не ја надоместува…“
„…А да ги прашаш каде се кравите насекаде по улиците во градот, по селата, прават штети на народот. И јас сум од истото село, не постои никаква штала, говедата талкаат насекаде…“
Додека локалните жители се жалат дека стадото им правело штети, сопственичките, трите сесетри, велат дека им се врзани рацете зашто со решение добитокот формално веќе не е нивна сопственост. Јулијана, Андријана и Анамарија објаснуваат дека буквално преку ноќ дознале дека кравите веќе не се нивни односно дека има решение со кое им се одземени. Ова се случило кога одлучиле да продадат дел од стадото и отишле во ветеринрсна станица да ги земат потребните потврди.
„Одиме од институција во институција и да прашуваме што се случило, кај се нашите животни за кои ние се грижевме во тој период, а не се наши. Отидовме во Агенцијата за храна и ветеринарство, таму ни го дадоа решението, кога прочитавме тоа беше шок. Решението е донесено на 27.04 2024, тоа се десет дена пред изборите Љупчо за да се одмазди бидејќи ние не потклекнавме на нивните закани, го донел тоа решение“, изјави Јулијана Ѓорѓиевска.
Сестрите остануваат на ставот дека се жртви на политички реваншизам од поранешниот функционер зашто тие отворено ја поддржувале другата политичка опција. Семејството Ѓорѓиеви вели дека и да сакаат не може да ги продадат кравите кои на хартија не се нивни, а станува збор за големо стадо кое вреди неколку стотици илјади евра. Велат дека бараат правда и помош од институциите за да ја спасат сопствената егзистенција.
