Реклама
Македонија

Јовановски: Ивана ми призна дека под уцена му го дала резервниот клуч на Саздов за да ми ја подметне дрогата во возилото

Обвинетиот Стојанче Јовановски денеска пред Основниот кривичен суд Скопје изјави дека неговата…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Обвинетиот Стојанче Јовановски денеска пред Основниот кривичен суд Скопје изјави дека неговата сопруга Ивана му признала оти под уцена со интимни видеа од страна на Мартин Саздов му го дала резервниот клуч од возилото по што, според неговиот исказ, му била подметната дрога.

Јовановски е обвинет за три кривични дела – телесни повреди сторени како продолжено дело на семејно насилство, загрозување на сигурноста и наведување на самоубиство и помагање во самоубиство, во врска со трагедијата од 2 март 2026 година кога неговата сопруга Ивана скокнала од балконот на стан на шести кат заедно со шестгодишната ќерка Катја.

Одговарајќи на прашања, обвинетиот рече дека на почетокот на бракот односите биле нормални и живееле во изнајмен стан по што со финансиска помош од мајка му купиле стан во 2021 година.

Реклама

– На почетокот на бракот односите ни беа нормални, при што живеевме во изнајмен стан. По одреден период, мојата мајка Цветанка ни даде пари за учество за да купиме стан. Тоа го направивме во 2021 година, потоа нормални ни беа односите сѐ до 2022 година кога бев во мобиларница во Аеродром да ѝ го земам телефонот на сопругата, при што прочитав пораки, видеа, видеоклипови од колега од работа – изјави обвинетиот.

По тоа, како што наведе, ја соочил сопругата, која негирала, а во домот дошла и полиција, која направила записник.

Прашан за настаните во текот на 2025 година, обвинетиот изјави дека на почетокот на годината, преку заедничко логирање на „Инстаграм“, ги прочитал пораките меѓу Ивана и неговиот колега Мартин Саздов, при што разговорите постепено преминале „во поприватни разговори“. Според неговиот исказ, тој директно ги соочил двајцата, но Ивана и Мартин негирале и го нарекле „параноичен“.

Во продолжение наведе дека на 16 август 2025 година, при враќање од свадба во Штип, видел дека сопругата се допишува со Саздов на „Вибер“ по што таа со ќерката Катја излегла од возилото на автопатот и заминала во спротивна насока. Тврдеше дека три часа ѝ ѕвонел, но без одговор и дека не се сеќава како стигнал до Скопје.

– На 16 август 2025 година бевме на свадба кај моја братучетка во Штип, сопругата се опијани, беше видно пијана и при враќањето од Штип јас видов дека се допишува со Мартин Саздов на „Вибер“ и без да забележи застанав со автомобилот за да прочитам убаво што разговараат. Тогаш прочитав дека Ивана му кажува „се враќаме со овој“ и дека Катја назад спие. Мартин ѝ одговори „и јас се враќам од Штип, бев кај другар“. Во тој момент, јас ѝ го побарав телефонскиот уред, почна да негира и ја отвори вратата од автомобилот со намера да не можам да ѝ го земам телефонот и да ги прочитам разговорите, при што јас ѝ кажав: штом Мартин се враќа наваму, ти сакаш со него да продолжиш, и тогаш ми рече: „штом така мислиш, сега ќе ја земам и Катја со мене“. Ја отвори задната врата, каде што спиеше Катја, ја зеде в раце и почна да оди во спротивна насока по автопатот – рече обвинетиот.

Кога мајката на Мартин Саздов лично го известила дека Ивана ноќевала кај син ѝ оставајќи ја Катја кај сопствената мајка, Јовановски изјави дека почнал да ја следи Ивана. Тој ги видел Ивана и Саздов заедно во населбата Ќерамидница и им се приближил.

– Ми се јави мајка му на Мартин, Маја Саздова, и ми рече: „Се срамам од женскиот род што постои ваква личност“. Ја прашав за што се работи и ми кажа дека Ивана била кај нив вечерта кога сме се враќале од свадба и дека секоја вечер Ивана спиела кај Мартин, а Катја ја оставала кај мајка ѝ да ја чува. Кога ми го кажа тоа, јас уште истиот ден почнав да ја следам, не отидов на работа, ја најдов пред зградата на мајка ѝ, на „Партизанска“ бр. 45, возејќи електричен тротинет кон Универзална сала. Видов дека после Универзална сала, ја чекаше Мартин со своето возило, го ставија тротинетот во багажникот, таа се качи во возилото и продолжија да возат. Стигнаа во населбата Ќерамидница, го паркираа возилото и се упатија покрај кеј пеш. Ги здогледав од далеку како се бакнуваат и гушкаат, при што му се приближив на Мартин да се пресметам физички. Мартин ми рече да се смирам бидејќи се собраа многу луѓе и ми кажа да одиме на друго место да се пресметаме јас и тој сами. Се согласив на тоа и ми кажа да се упатам карши училиштето „Михајло Пупин“, таму стигнав сам, а тој пристигна со другар му Тони. Во тој момент кога пристигнаа таму, Мартин извади автоматска пушка „калашников“, го впери кон мене и ми кажа дека ќе ме убие. Му ја фатив цевката и му кажав да пука. На левото рамо имам сè уште белег од тогаш кога ме удри со цевката. Излезе чуварот и извика дека повикал полиција и дека доаѓа наваму, при што Мартин се качи во возилото и почна да бега, а јас во намера да го спречам го удрив со моето возило во неговата задна лева врата, при што тој продолжи да вози и избега. Моето возило остана неподвижно, при што повикав пајак-служба и го однесоа возилото на сервис, каде што им кажав како се случило тоа – рече обвинетиот.

Јовановски изјави дека на 29 декември 2025 година, по завршување на работната смена, бил запрен од лица во цивилна облека, кои при претрес на неговото возило пронашле сомнителна материја.

– Јас негирав дека тоа е мое и реков дека не може да биде мое, дека првпат во животот го гледам. Ме приведоа во ПС Карпош – рече обвинетиот.

Додаде дека по вештачењето на неговиот телефон, не биле пронајдени докази, кои би го поврзале со материјата, по што бил пуштен со мерки за претпазливост. Според неговиот исказ, по ова, сопругата му признала дека под уцена му го дала резервниот клуч на Саздов.

– Ми објасни како ми ја подметнале дрогата во возилото… со мојот резервен клуч, кој стои дома, му го дава Ивана на Мартин, тој го отклучил возилото, ја ставил дрогата во возилото – изјави Јовановски.

Критичниот ден

Обвинетиот ги опиша и настаните на денот на трагедијата наведувајќи дека по читање пораки на социјалните мрежи, се упатил до работното место на сопругата, каде што ја видел како излегува од возилото на Саздов.

– Кога се приближив пред нејзиното работно место, ја здогледав Ивана како излегува од автомобилот на Мартин Саздов… Видов дека сѐ е лага и фарса, при што револтиран замавнав кон неае – рече обвинетиот.

Потоа заедно со Ивана и Саздов се упатиле кон Кривичниот суд, а подоцна и кон нивниот дом, при што имало повеќе полициски интервенции.

Опишувајќи ги последните моменти, Јовановски рече дека додека бил пред зградата, слушнал силен тресок.

– Се упативме двајцата кон преминот на зградата кај кафе-барот „Сома“ и Мартин почна да вика „Ивана, Ивана, Ивана паднала“. Кога го слушнав тоа, се вознемирив уште повеќе и излегов на улицата Теодосиј Гологанов, се фрлив пред автомобилот и така тој ме удри во ногата. Потоа се јавив во брза помош со намера дека ќе им помогнат дека се живи. Потоа не се сеќавам – изјави обвинетиот.