За многумина што живеат далеку од родното место, враќањето дома не секогаш значи и повторно припаѓање. Токму тоа чувство на отуѓеност и потрага по идентитет го истражува режисерот Меглен Анжиќ Трпков во краткометражниот филм „Мртви корења“, инспириран од народната приказна за Силјан Штркот.
Во интервју, тој вели дека во мигот кога човек ќе го напушти домот, засекогаш се менува, барем во очите на другите.
– Тргнав со идеја да раскажам приказна за чувството на отуѓеност, поточно, за чувството на неприпадност. Кога повторно ја прочитав приказната за Силјан Штркот, веднаш ми стана јасно за што зборува таа, или барем што беше она што најсилно одекна кај мене. Тоа е идејата за враќањето дома и за тоа дека повеќе не те препознаваат, бидејќи на некој начин си се променил, си се преобразил. Според мене, суштината на приказната е во тоа дека во мигот кога ќе одлучиш да заминеш, засекогаш се менуваш, барем во очите на луѓето околу тебе – вели Трпков.

Филмот ги спојува урбаните пејзажи на Холандија и руралните предели на Македонија, а преку митолошки и магични елементи се обидува да отвори простор за поинаков филмски јазик во домашната кинематографија.
– Холандија има одлична инфраструктура, која, ако сум сосема искрен, понекогаш ме остава студен. Сè, а особено природата, е неверојатно прецизно испланирана и речиси делува како да е вештачки создаденa. Спротивно на тоа, Македонија има прекрасна, нескротена природа. Како таму да сме поблиску и поцврсто поврзани со „вистинскиот свет“ – вели режисерот.
Во главните улоги настапуваат Христијан Крстевски, Талија Ѓорѓиева и Тони Наумовски, чии ликови го водат гледачот низ едно аудиовизуелно патување меѓу реалното и митолошкото, во потрага по одговорот на прашањето што значи да се биде дома.
„Мртви корења“ е лична, но и универзална приказна за копнежот по домот, чувство што, според режисерот, денес го споделуваат многумина кои заминале од своите родни места во потрага по поинаква иднина.
Меглен Анжиќ Трпков (1994) е македонско-холандски режисер и сценарист, дипломиран на Уметничката академија во Утрехт, Холандија. Неговиот дипломски филм „Мртви корења“ досега е прикажан на неколку меѓународни фестивали во Италија, Бугарија и во Македонија.

„Мртви корења“ е инспириран од приказната за Силјан Штркот. Што од оваа народна приказна најсилно ве мотивираше да ја преточите во современ филмски јазик?
-Тргнав со идеја да раскажам приказна за чувството на отуѓеност, поточно, за чувството на неприпадност. Кога повторно ја прочитав приказната за Силјан Штркот, веднаш ми стана јасно за што зборува таа, или барем што беше она што најсилно одекна кај мене. Тоа е идејата за враќањето дома и за тоа дека повеќе не те препознаваат, бидејќи на некој начин си се променил, си се преобразил. Според мене, суштината на приказната е во тоа дека во мигот кога ќе одлучиш да заминеш, засекогаш се менуваш, барем во очите на луѓето околу тебе.
Колку вашето лично искуство како човек што живее меѓу Македонија и Холандија влијаеше врз приказната и главниот лик во филмот?
-Од самиот почеток сакав да раскажам лична приказна: мојата приказна. На својата работа секогаш ѝ пристапувам низ внатрешна, емотивна призма и се обидувам да видам какви слики ќе произлезат од тоа. Како што споменав, филмот се занимава со отуѓеноста. Во последните десет до петнаесет години се асимилирав во холандската култура и течно го зборувам јазикот, но отсекогаш сум имал чувство дека сум странец. Од друга страна, како Македонец, враќањето дома секогаш ми будело многу убаво чувство. Но, откако ќе поминев извесно време во Македонија, повторно почнував да го забележувам истото, чувството дека сум странец.
Затоа тргнав во потрага по соодветните слики преку кои навистина би можел да го прикажам својот внатрешен свет. Потоа, заедно со сценаристот и главниот актер, Христијан Крстевски, успеавме да изградиме наратив што ќе ги поврзе тие слики во една целина. Чувствувам дека во секој чекор од патувањето на овој лик има нешто мое. Но, исто така мислам дека ова чувство станува сè поприсутно во светот. Денес е многу вообичаено луѓето да ги напуштаат своите домови во потрага по поинаква иднина, па претпоставувам дека и чувствата што произлегуваат од тоа се подеднакво чести.

Во филмот ги спојувате урбаните пејзажи на Холандија и руралните предели на Македонија. Каква симболика носи овој контраст и каква порака сакавте да пренесете?
-Холандија има одлична инфраструктура, која, ако сум сосема искрен, понекогаш ме остава студен. Сè, а особено природата, е неверојатно прецизно испланирана и речиси делува како да е вештачки создаденa. Спротивно на тоа, Македонија има прекрасна, нескротена природа. Како таму да сме поблиску и поцврсто поврзани со „вистинскиот свет“.
Во филмот, меѓутоа, нештата се поставени токму обратно: за она што се случува во Македонија не сме сигурни дали е реално, додека знаеме дека во Холандија се наоѓаме во реалноста. Иако ова на почетокот можеби делува збунувачки, мислам дека има многу смисла кога ќе се погледне низ призмата на копнежот, барем за мене. Поврзаноста со природата отсекогаш сум ја доживувал како важен дел од чувството на дома.
Велите дека во македонската кинематографија недостига „магичен свет“. На кој начин „Мртви корења“ се обидува да го внесе тој елемент во домашниот филм?
-Мислам дека Македонија има силен и препознатлив глас во социјалната реалистична драма. Од друга страна, многу би сакал да гледам повеќе дела што навлегуваат во мистичното, митолошкото и магичното. Мислам дека нашиот регион поседува многу длабок и прилично уникатен „свет“, кој не е доволно искористен, особено во кинематографијата. А токму филмот е совршена уметничка форма за прикажување на тој магичен свет.
Имаме непресушен извор на приказни што би можеле да се раскажат преку прилично неконвенционални наративни средства, а „Мртви корења“ е само еден обид во таа насока. Кога ќе ги поврземе општественото и личното со митолошкото, може да се случи нешто неверојатно. Еден вид аудиовизуелно патување што ве носи на некое друго место, во друг свет. Токму тоа се обидов да го создадам со „Мртви корења“. Мојот интерес за овие приказни не завршува тука. Исклучително сум возбуден што во своите идни дела ќе можам уште подлабоко да навлезам во овие светови.

Како течеше соработката со актерите Христијан Крстевски, Талија Ѓорѓиева и Тони Наумовски во градењето на ликовите и емоциите што ги носи филмот?
-Најдобро функционирам кога имам можност да соработувам со други луѓе, без разлика во која фаза од проектот се наоѓаме. Колку повеќе надворешни идеи и влијанија добивам, толку покреативен станувам. Тоа, секако, особено важи за градењето на ликовите заедно со актерите. Кога го пишуваме сценариото, имам правило да не ги запишуваме емоциите на страницата, бидејќи секој актер има сопствено, уникатно читање на материјалот.
Кај „Мртви корења“ ова беше особено важно, бидејќи создававме магичен свет со апстрактен наратив. Христијан мораше низ целиот филм да носи голема емотивна тежина, речиси без никаков дијалог. Имавме безброј разговори за пристапот кон ликот, но во најголем дел од времето речиси и да немав потреба да го режирам, особено не во поглед на емоциите.
Ликот што го играше Талија беше малку покомплексен, бидејќи таа, во недостиг на подобро објаснување, игра архаично митолошко суштество. Заедно ги истражувавме сите симболи што таа чувствуваше дека ги претставува нејзиниот лик, а потоа се обидовме да ги поврземе со човечкото во него.
Со Тони имав безброј долги разговори, не толку за конкретните карактеристики на ликот, туку за неговото место во рамките на целокупниот наратив. Разговаравме и за самиот лик, но прилично кратко. Пред сè, се запознавме на лично ниво, што за мене е една од најважните работи во секоја соработка. Во секоја фаза од процесот тој беше неверојатно љубопитен. Постојано се обидуваше да открие што точно сакам да раскажам со оваа приказна. Во мигот кога го облече костимот, како нешто во него да се префрли, тој едноставно стана ликот.
Би сакал да додадам дека сум неизмерно благодарен за неговото присуство на снимањето и за безбројните разговори што ги водевме, а кои им помогнаа на сите да ги подигнат своите изведби на повисоко ниво. Тоа е една од најубавите соработки што сум ги имал во животот.
Темата за потрагата по корените е особено актуелна за многу Македонци кои живеат во странство. Што би сакале публиката да понесе со себе по гледањето на „Мртви корења“?
-Иако е многу личен филм, „Мртви корења“ во својата суштина е приказна за потрагата по домот. Како некој што е роден во Македонија и кој во текот на детството морал многу да се преселува, никогаш не се чувствував вистински вкоренет во местата во кои живеев.
Во годините пред да го снимам филмот, во себе го носев и го потхранував тоа чувство, без никогаш да можам точно да одредам што претставува. Кога конечно му дозволив да излезе на површина, сфатив дека тоа е копнеж. Почнав да го создавам „Мртви корења“ за да го истражам тој копнеж во себе, но уште поважно, за да создадам нешто што отсекогаш ми недостигало додека растев: препознавање и потврда на чувствата што живеат во нас кога, од која било причина, мораме да ја напуштиме својата татковина.
