Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски вели дека по посетата на Мисијата на УНЕСКО, многу поголем оптимист е за изградбата на автопатската делница Требениште – Струга – Ќафасан и посочува дека сега останува само да се избере трасата. Најважно е, посочи, дека ќе се реализира.
– Во однос на изградбата на автопатот, веќе не е прашање дали ќе се гради, тоа беше прашање пред да дојдат, имаше одредени размислувања целосно да се забрани, сега е само прашање да се избере трасата. Тоа е веќе многу попозитивно затоа што дали ќе е еден километар полево или подесно, на крајот на краиштата, ќе се реализира, така што сум многу, многу поголем оптимист по завршувањето на Мисијата, која нè посети – изјави Николоски при посетата на Тетово.
Тој очекува Охридскиот Регион да го задржи статусот на заштетно подрачје во УНЕСКО и најави дека работите ќе бидат многу појасни по генералното собрание на УНЕСКО, што ќе се одржи следната недела во Јужна Кореја.

– Во однос на Мисијата на УНЕСКО, бевме заедно со заменик-министерката. Таму водиме силна битка, но мислам дека е многу, многу значајно што успеавме да донесеме над 10 амбасадори на земји членки на УНЕСКО – тие се тие што гласаат, да ја посетат нашата држава. Следната недела, по генералното собрание во Јужна Кореја, работите ќе бидат појасни во однос на најкритичната точка – дали ќе оди Охридскиот Регион како загрозено подрачје. Не сакам прерано да давам изјави, но мислам дека ќе успееме да го избегнеме тоа – рече Николоски на новинарско прашање.
Николоски претходно во објава на социјалните мрежи информира дека на 26 јуни во Владата се одржала значајна средба со амбасадори од УНЕСКО, на која разговарале за приоритетите на Македонија во делот на заштитата и одржливиот развој на нашето природно и културно наследство.
Имало согласност, како што посочи, дека Охридскиот Регион има исклучителна универзална вредност и претставува богатство не само за нашата држава туку и за целото човештво.
– Потребна е силна меѓугранична соработка со Албанија во делот на заштита на Охридското Езеро и заштита на Охридскиот Регион, природата не познава граници и потребно е заедно да ја чуваме. Посебен акцент ставивме на развојот на Охридскиот Регион, на кој припаѓаат општините Охрид, Струга, Дебрца и Поградец во Албанија, со заедничка определба да се зачува неговата автентичност, а истовремено да се обезбеди одржлив развој во интерес на граѓаните и идните генерации – напиша Николоски во објава на „Фејсбук“.
