Реклама

Најмалку 120 доброволци ќе гаснат пожари без пари

„Преку езерото“ годинава од 8-15 јули во Дојран, Струмица и Гевгелија

Демократија на зборови, на дело сосем обратно: И Славјанка Петровска се најде на листата на Венко Филипче за „отстрел“

Нов автопат Скопје-Блаце, изградбата ќе започне во август

Експерти: Со предвемената отплата на еврообврзницата се стабилизра јавниот долг

Димитриеска-Кочоска: Јавните финансии стабилни, даночните приходи растат и се резултат на редовната економска активност

Фаризи: Владата се движи на прав пат и ги исполнува очекувањата на граѓаните

Решен проблемот со лекот за пациентите на дијализа во струшката болница

Над 1.200 проекти низ општините – Кавадарци добива современ спортски комплекс

Меѓуврсничко насилство: Се почесто или само повеќе видливо заради социјалните мрежи?

Мицкоски: вратен долг од претходната Влада во износ од 700 милиони долари

Мицкоски: Опозицијата го бојкотира изборниот законик да не испорачаме 10 од 10 од реформската агенда

Македонија

Македонска собраниска делегација учествува на 33. Годишна сесија на Парламентарното собрание на ОБСЕ во Хаг

– Делегација на Собранието во состав – Моника Зајкова, шеф на Делегацијата…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

– Делегација на Собранието во состав – Моника Зајкова, шеф на Делегацијата во Парламентарното собрание на ОБСЕ, Никола Мицевски и Бобан Карапејовски, членови на Делегацијата, учествува на 33. Годишна сесија на ПС на ОБСЕ, што се одржува од 4 до 8 јули 2026 година во Хаг, Холандија, информираат од собраниската прес-служба.

Главна тема за дискусија на Годишната сесија, на која учествуваат повеќе од 250 парламентарци од земјите учеснички во ОБСЕ, е „Меѓународното право и заедничките принципи: темели за безбедност и соработка во регионот на ОБСЕ“.

На свеченото отворање на Годишната сесија се обратиле високи претставници на државата домаќин – Холандија: претседателката на Сенатот, Меи Ли Вос, претседателот на Претставничкиот дом, Том Ван Кампен и премиерот Роб Јетен, како и претседателот на Парламентарното собрание на ОБСЕ, Пере Жоан Понс и претседавачот со ОБСЕ, Игнацио Касис. Претседателот на Украина Володимир Зеленски се обратил пред пратениците со видео порака.

Реклама

Трите комисии на Парламентарното собрание на ОБСЕ одржале седници на кои се дискутирало за извештаите и предложените резолуции од нивна надлежност.

Во своето обраќање пред Генералната комисија за политички прашања и безбедност шефот на Делегацијата, Моника Зајкова, ја поздравила содржината на извештајот и предлог-резолуцијата, нагласувајќи дека почитувањето на меѓународното право, суверенитетот и територијалниот интегритет претставуваат темел на европската безбедност и стабилност. Таа ја осудила руската агресија врз Украина, истакнувајќи дека праведен и траен мир може да се постигне единствено во согласност со меѓународното право и со целосно почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.

Зајкова се осврнала и на современите безбедносни предизвици, како што се хибридните закани, кибер нападите, дезинформациите и злоупотребата на новите технологии, при што ги претставила искуствата на нашата држава во јакнењето на отпорноста преку унапредување на кибер безбедноста, заштитата на критичната инфраструктура и соработката меѓу институциите, граѓанското општество и меѓународните партнери. Таа нагласи дека демократијата, владеењето на правото и силните институции се нераскинливо поврзани со безбедноста, а реформите во овие области претставуваат инвестиција во регионалната стабилност.

Зајкова оценила дека ОБСЕ останува незаменлива платформа за дијалог во услови на зголемени геополитички тензии и потсетила на придонесот на нашата држава како претседавач со Организацијата во 2023 година. Истовремено, таа ја реафирмирала цврстата определба на државата за почитување на Хелсиншките принципи и сеопфатниот концепт на безбедност на ОБСЕ.

Пратеникот Никола Мицевски учествувал во дебатата на Генералната комисија за економски прашања, наука, технологија и животна средина, каде што ја истакнал важноста на почитувањето на меѓународното право, економската отпорност, одржливиот развој и технолошките иновации како меѓусебно поврзани столбови на сеопфатната безбедност во регионот на ОБСЕ.

Мицевски посочил дека како мала и отворена економија, земјава е силно посветена на регионалната соработка, развојот на транспортната и енергетската поврзаност и зелената транзиција, при што се осврнал на инвестициите во обновливи извори на енергија и определбата за постепено напуштање на јагленот. Осврнувајќи се на дигиталната трансформација, тој нагласил дека развојот на вештачката интелигенција и новите технологии мора да биде проследен со соодветни механизми за транспарентност, демократски надзор и заштита на човековите права, како и со мерки за спротивставување на дезинформациите.

Тој, исто така, укажал дека борбата против корупцијата, јакнењето на независноста на судството и доброто владеење се клучни предуслови за економски развој, справување со демографските предизвици и зајакнување на довербата на граѓаните во институциите. Мицковски изразил поддршка за предложената резолуција, оценувајќи дека преку заеднички принципи и колективно дејствување може да се изгради побезбеден, поотпорен и попросперитетен простор на ОБСЕ.

Во дебатата на Генералната комисија за демократија, човекови права и хуманитарни прашања учествувал пратеникот Бобан Карапејовски. Тој го нагласил значењето на заштитата на владеењето на правото, демократските институции и човековите права, како предуслов за трајна безбедност во регионот на ОБСЕ. Изразил сериозна загриженост поради кршењето на меѓународното хуманитарно право, а особено присилната депортација на деца, притоа давајќи поддршка на меѓународните механизми за утврдување одговорност.

Карапејовски ја истакнал потребата од поголема заштита на ранливите категории граѓани и од доследно почитување на принципите на еднаквост и недискриминација во сите земји учеснички на ОБСЕ. Осврнувајќи се на искуството на нашата држава, тој потсетил на значењето на Охридскиот рамковен договор и на улогата на ОБСЕ во зачувувањето на меѓуетничката стабилност, нагласувајќи дека Мисијата на ОБСЕ во Скопје и натаму претставува важен партнер во јакнењето на демократските институции и владеењето на правото. На крајот, Карапејовски ја реафирмирал цврстата поддршка на земјата за принципите на Хелсиншкиот завршен акт.

На 33. Годишна сесија, пратениците членови на ПС на ОБСЕ со тајно гласање треба да изберат четворица потпретседатели, како и членови на бироата на трите комисии на парламентарното собрание.

Се очекува на крајот од Годишната сесија, Парламентарното собрание на ОБСЕ да усвои „Декларација од Хаг“, со препораки до владите и парламентите на земјите учеснички за широк спектар на прашања во полето на политиката, економијата, животната средина и човековите права.

Парламентарното собрание на ОБСЕ го сочинуваат 323 парламентарци од 57 земји од Европа, Централна Азија и Северна Америка. Собранието обезбедува форум за парламентарна дипломатија, набљудување на избори и зацврстување на меѓународната соработка за исполнување на заложбите на ОБСЕ во врска со политичките, безбедносните, економските прашања, прашањата за човековите права и животната средина.