Денеска и утре, во Анкара се одржува самитот на Северноатлантскиот сојуз, каде што нашата држава ќе биде претставена од највисока делегација, предводена од претседателката и врховен командант на Армијата, Гордана Сиљановска-Давкова, а составена од министерот за одбрана, Владо Мисајловски, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски – се наведува во соопштението на Министерството за одбрана.
На претстојниот самит фокус ќе бидат неколку значајни теми, меѓу кои и инвестициите наменети за одбраната, развојот на одбранбената индустрија и помошта за Украина.
Министерот Мисајловски во рамките на самитот ќе учествува на форумот за одбранбена индустрија; приемот за министри за одбрана организиран од турскиот министер за национална одбрана Јашар Ѓулер и на церемонијата за приклучување на Франција, Финска и Шведска кон Мултинационалната соработка за воспоставување НАТО-обука за летање во Европа (NFTE – NATO Flight Training Europe).

Во Анкара министерот ќе оствари повеќе работни средби со своите колеги министри за одбрана на сојузничките земји и ќе учествува на работниот состанок на Северноатлантскиот совет со партнерите од Индо-Пацифичкиот Регион (Австралија, Јапонија, Нов Зеланд и Република Кореја).
