Немало зима за Пеце Мирчевски како директор на СОЗР. Продал службен „пасат“ на скопска фирма, а во договор со газдите тој си го возел дури и кога си заминал од функцијата во Владата. За тоа имал „дил“ со блиски во фирмата, кои му дале пари на рака. За да се оправда, Мирчевски потпишал дури пет лажни изјави, дека нема судир на интереси за пет јавни набавки, наведувајќи неточни податоци. Тоа го сторил со умисла за да се стекне со директна материјална корист како за себе, така и за фимата од Скопје, пишува Финансиската полциција во кривичната пријава.
- „Во периодот од 09.06.2021 година заклучно со 13.06.2024 година, свесно и со умисла, извршил службени дејствија кои што не смеел да ги изврши и потпишал пет договори за јавни набавки со правен субјект од Скопје, во сопственост и управуван од страна на второпријавениот Г.П, a притоа не го пријавил постоењето на судир на интереси, не се изземал од истите постапки за јавни набавки и во текот на целиот тој период а и по престанувањето на функцијата директор, остварувал директна материјална корист за себе и за свое блиско лице од правниот субјект во сопственост и управуван од страна на второпријавениот Г.П.“ наведува Финансиската полиција во кривичната пријава.
Но, не само за ова, Финансиска Мирчевски го товари и за проневера и несовесно работење во службата. Две ипол години, со негов потпис, тој и други вработени во СОЗР го шетале светот на државна сметка и за тоа си исплаќале дневници. Спорно е и дали воопшто биле реални настаните на кои навеле дека ќе присуствуваат.
- „Во период од 01.01.2022 заклучно со 13.06.2024 година, во повеќе наврати, прикажувајќи невистинити податоци дека се работи за службени патувања за службени потреби и цели, потпишувал барања за резервација на хотелско сместување, барања за резервација на авио билети, решенија за упатување на службен пат во странство и налози за службен пат во странство и со тоа овозможил лично за себе и за други лица вработени во Службата да се стекнат со имотна корист во вид на хотелски сместувања, авио билети за реализирани патувања, изнајмување на рент а кар возила за приватни потреби и цели како и исплатени дневници за службени патувања во вкупен износ од 1.792.859 денари, за кој износ го оштетил Буџетот на СОЗР“ стои во пријавата.
Финансиска открила и дека Мирчевски, иако знаел, дозволил вработен во СОЗР како пилот да зема плата на капетан-водач на воздухоплов осум месеци, иако не ги исполнувал условите за таа работна позиција. Штета која ја направил само со ова кривично дело се проценува на над 56 илјади евра.

Пеце Мирчески беше директор на Службата за општи и заеднички работи во периодот од јуни 2017 до јуни 2024 година. Тој имаше и партиска функција како претседавач на Централниот одбор на СДСМ.
