Во Општина Берово започна реализацијата на проектот за реконструкција на крак 1 и крак 2 од улицата „15-ти Корпус“, со вкупна должина од 379 метри. Инвестицијата е насочена кон подобрување на патната инфраструктура и условите за живот на жителите во овој дел од градот.
Како што информира градоначалникот на Берово, Петар Ружински, со проектот е предвидено целосно расчистување и пробивање на трасата, нивелирање и тампонирање, уредување на соодветно одводнување, како и асфалтирање на коловозот со асфалтна маса со дебелина од седум сантиметри.
-Коловозот ќе биде со широчина од три метри, со банкина од 0,5 метри. Вкупната вредност на инвестицијата изнесува 2.142.117 денари, а средствата се обезбедени со поддршка од Министерството за локална самоуправа преку Повикот за финансирање за намалување на диспаритетите меѓу и во рамки на планските региони и зголемување на регионалната конкурентност за 2026 година- информира Ружински.
Паралелно со реконструкцијата на двата крака од улицата, Општина Берово реализира и изградба на армирано-бетонски потпорен ѕид, со должина од 10 метри и височина од 2,5 метри.
За изградбата на потпорниот ѕид од општинскиот буџет се издвојуваат 276.821 денар, со што, како што посочува Ружински, се заокружува инфраструктурното решение на овој потег.
Од Општина Берово упатуваат благодарност до Министерството за локална самоуправа за поддршката при реализацијата на проектот, истакнувајќи дека со инвестициите во патната инфраструктура продолжува подобрувањето на условите за живот на граѓаните.

