Реклама
Македонија

Возила и за противпожарните служби – нова опрема од САД за побрзи интервенции и поголема безбедност

Во пресрет на сезоната на пожари, нови возила и современа заштитна опрема…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Во пресрет на сезоната на пожари, нови возила и современа заштитна опрема добија противпожарните служби во Штип, Радовиш, Конче и Неготино. Новата опрема, која е донација од САД, ќе овозможи побрзи и поефикасни интервенции на македонските пожарникари, кои секое лето се борат со пламените јазици.

„Партнерството е во срцето на она што нè обединува. САД се горди што стојат заедно со Северна Македонија, додека ги зајакнува капацитетите за одговор при катастрофи. Работејќи заедно на национално и локално ниво, градиме побезбедни и поотпорни заедници за сите“, изјави в.д. амбасадорката на САД во Македонија, Никол Варнс.

Поддршката за противпожарните единици е од особена важност, ако се земе предвид бројот и опасноста од големите шумски пожари. Локалните власти потенцираат дека вложувањето во опрема и капацитети е клучно за навремена и ефикасна интервенција.

Реклама

„Секоја инвестиција во превенција и интервенција има огромна вредност. Особено е важно што станува збор за современи возила, специјализирана опрема, заштитни униформи и средства за справување со шумските пожари“, изјави градоначалникот на Штип, Иван Јорданов.

„Последните неколку години сведоци сме на големи шумски пожари во Македонија и секое вакво осовременување и подобрување на капацитетите на противпожарните единици е повеќе од добредојдено“, изјави градоначалникот на Радовиш, Љупчо Почивалец.

Само минатата година беа регистрирани околу 200 шумски пожари, а загубите се проценети на близу 50 милиони евра. Според „Национални шуми“, тие се речиси преполовени во однос на 2024 година, кога беа зафатени над 630.000 кубни метри дрвна маса, со штета од околу 83 милиони евра.