Канцеларијата на Народниот правобранител, со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Канцеларија на Постојаниот координатор на Обединетите нации во Македонија денеска во Собранието организира дебата за потребата од измени и дополнувања на Законот за народниот правобранител.
Како што информираат од Омбудсманот, дебатата ќе ја отворат претседателот на Собранието на Македонија, Африм Гаши, народниот правобранител, Фатон Сељами, амбасадорот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Н.Е. Килијан Вал, амбасадорот на Европската Унија во Република Северна Македонија, Н.Е Михалис Рокас и постојаната координаторка на Обединетите нации во Скопје, Рита Колумбија.
На тематската сесија „Резиме на клучните предлог-измени на Законот за народниот правобранител со фокус на финансиската независност, плурализам, функционална независност и надлежност“ ќе говорат народниот правобранител Фатон Сељами, Тања Левајковиќ, експертка во областа на финансиското управување, буџетското планирање, јавната внатрешна финансиска контрола и управувањето со ризици; Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права; Симонида Кацарска, директорка на Институтот за европска политика – Скопје; Јелена Кадриќ, извршна претседателка на Институтот за човекови права (TBC) и Бојан Трпевски од Македонското здружение на млади правници.
Народниот правобранител на крајот на дискусијата ќе ги презентира заклучоците и следните чекори.

