Македонскиот јазик веќе 20 години се слуша на програмата на Радио-телевизија Војводина, преку редакција која, како што вели Јулијана Милутиновиќ, е единствена на јавен сервис надвор од Македонија.
– На млад човек кој сака да ја одржи врската со јазикот, му треба пред сè голема желба – изјави Милутиновиќ, уредничка на радио-програмата на македонски јазик. И покрај тоа што вкупно 32 години работи на радио, во Македонија и во Нови Сад, од кои две децении го негува македонскиот глас во етерот со емисијата „Македониум“, таа смета дека медиумот може да помогне, но дека врската со јазикот е лична одлука.
Нејзините деца, на 15 и 20 години, со неа секојдневно зборуваат македонски, но, како што истакнува, го сметаат повеќе за „јазикот на мајка им и фамилијата од Македонија“.
Дваесетгодишнината беше одбележана на 24 септември со свечен собир и тркалезна маса во медиумскиот центар на РТВ. На настанот присуствуваа претставници на РТВ и на Националниот совет на македонското национално малцинство, челници на културни и издавачки институции, како и бројни поранешни и сегашни членови на редакцијата, соработници и гости.
Одговорен уредник на Редакцијата на македонски јазик, која подготвува програма на телевизија и на радио, е Златко Јанкуловски. Милутиновиќ ја уредува радио-програмата на македонски јазик, во која работи единствено таа, и е уредничка на радио-емисијата „Македониум“, која се емитува на Третата програма на Радио Нови Сад, наменета за јазиците на националните заедници во Војводина.
Јулијана, 20 години програма на македонски јазик на РТВ. Што прво Ви се појавува пред очи кога ќе погледнете наназад?
Секогаш кога сум прославувала годишнина на радио, сум била шокирана: дали навистина тоа трае толку долго? Ми се чини како да сум почнала неодамна. Работата на радио е магија во која се вљубив на осумнаесет години, кога за првпат седнав пред микрофон. Оваа приказна на Радио Нови Сад е најголемиот предизвик во мојата радиска кариера. Дури на јубилејот, слушајќи ги колегите и соработниците, освестив колку е сето тоа важно, на многу повисоко ниво отколку што сум замислувала.
Се преселивте од Скопје во Нови Сад, а останавте врзана за македонскиот јазик. Дали сте замислувале дека ќе го негувате јавно, надвор од Македонија?
Никогаш не сум размислувала каде ќе живеам или кој јазик ќе го зборувам. Денес на дневно ниво зборувам три јазици. Но дека ќе бидам еден од ретките луѓе вон границите на Македонија што го негуваат македонскиот јазик, не само во фамилијата, туку и јавно на радио, тоа никако не би ми поминало низ глава.

Вие претходно изјавивте дека „ јазикот не се чува само во семејството, туку и во јавниот и медиумскиот простор“. Што се случува со еден јазик кога престанува да се слуша во јавноста?
Претпоставувам дека тоа значи дека не постои никој кој повеќе го разбира или го зборува. А ако нема потреба да се слуша во јавноста, значи дека тој народ или јазик не постои. Можеме да имаме историја пишана илјади години наназад, но ако престанеме да го негуваме јазикот, џабе ни се секакви корења и удирања во гради од каде сме. Ако престане јазикот да се слуша во јавноста, завршува и живеењето на тој народ, нели?
Веројатно медиумската програма на мајчин јазик денес има поголемо значење отколку пред 20 години, токму поради тоа што младите се изложени на огромен број други јазици и содржини. Што мислите Вие?
Искрено сметам дека изложеноста на бројни јазици може само да им ја прошири љубопитноста на младите.
Секако, едното не го исклучува другото. Медиумската програма мора секогаш да има поголемо значење, бидејќи ние преку медиумите треба да ги едуцираме луѓето и понатаму, да бидеме точни, да бидеме модерни, да бидеме во тек, да се прилагодиме и на бројните нови технологии, кои, ете, не ни ги згаснаа старите медиуми, од што најмногу се плашевме некаде и кон крајот на седумдесеттите, кога се појави онаа песна „Video Killed the Radio Star“.
Значи, тоа не се случи ниту со телевизијата, ниту со појавувањето на интернетот, така што ние треба да бидеме изложени, меѓутоа медиумската програма мора секогаш да има поголемо значење.

Дали македонскиот за младите во Војводина е природен дел од секојдневието или јазик на родителите и бабите и дедовците?
Тоа е јазик на родителите, бабите и дедовците. Моите деца, на 15 и 20 години, со мене секојдневно комуницираат на македонски, но мислам дека го сметаат повеќе за јазикот на мајка им и на фамилијата од Македонија. Многу млади овде не знаат македонски, бидејќи често и родителите им се обраќаат на јазикот на средината, по навика. Кај мене не е така, а дали поради работата или нешто друго, немам одговор. Знам дека познавањето на два или три јазика од раѓање е благослов и дека моите деца се среќни што се тројазично родени.
Може ли медиумот да ја одржи врската на еден млад човек со јазикот?
Не верувам во ова. На млад човек му треба пред сè голема желба, а ако го слушал јазикот на летување, на пример кај баба, ќе го научи. Медиумот може додатно да помогне, но пред сè е лично до нас дали ќе останеме во врска со мајчиниот јазик и на кој начин. Имам сретнато Македонци во Србија кои го разбираат јазикот, но не го зборуваат. Едноставно, до човекот е дали ќе ја одржи таа врска.

Во време кога секој има телефон, што е најголемиот предизвик за една редакција, и што е потешко: да се направи добра програма или да ја чујат луѓето?
Да понудиш содржина која нема да ја најде на телефонот, или ако веќе нудиш содржина која може да се прочита или да се види некаде, да ѝ дадеш сопствено гледање . Искрено, никогаш не ме засегало тоа што сега секој може да одбере и на кој јазик и на кој начин ќе биде информиран.
На Радио Нови Сад најважно е тоа што ја слуша содржината и не мора да гледа во телефон, ја слуша музиката и не мора да бара. Можеби токму денес на тој слушател таа песна му требало да ја слушне.
Знаете, предизвик е да направиш интересна содржина, содржајна, не само интересна. Просто да бидете покреативен, ако веќе ги имате сите алатки: интернет, музика, простор во етерот, но и желба да бидете подобри од претходното издание на емисијата.
Како се создава една емисија на македонски јазик и колку е тешко да се најде соговорник?
Искрена да бидам, многу тешко. Најпрвин, ако најдеш некој Македонец, при запознавањето веќе гледаш соговорник, можеби, па бараш и тема, ако постои.
Едноставно, темата ќе се создаде или намести, зашто, ете, на пример, ние во Нови Сад имаме и млади луѓе кои се по нешто посебни, а живеат во Србија, но не се сите за тема на телевизија или пак на радио.
Соговорник најчесто се наоѓа со телефонски повик, поретко, нормално, случајни откритија или средби, преку Националниот совет, преку Заедницата и македонските здруженија. Сега веќе на толку многу социјални мрежи и активности на здруженијата, многу е полесно.
Колку архивата на редакцијата претставува аудиовизуелна историја на Македонците во Војводина?
Таа е многу повеќе од збир на прилози. Тоа е аудиовизуелна хроника на животот, културата, јазикот и идентитетот на Македонците во Војводина, со гласови, приказни и настани што ја одбележале заедницата. Секој збор изговорен во етерот е дел од колективната меморија и вредно наследство за генерациите што доаѓаат.
„Македониум“ има задача да ја претставува македонската култура, традиција, но и современиот живот. Дали денес повеќе се обидувате да го чувате минатото или да покажете дека македонската заедница е жива и современа?
Минатото немам што да го чувам низ емисиите, повеќе сакам да го сочувам јазикот и традицијата низ музиката. Мене секогаш повеќе ме привлекувала иднината, па се радувам што во сегашноста можам да покажам дека заедницата е жива и современа. Најинтересно за публиката не се секојдневните проблеми, бидејќи нив ги имаме на сите јазици во Војводина. Некои проблеми бараат институционално решавање, а ние сме и канал низ кој луѓето можат да кажат со што се соочуваат. Но, традицијата и културата се секогаш поинтересни.

Што мислите дека Македонците во Македонија најмалку знаат за Македонците во Војводина?
Па можеби не се ни замараат да знаат дека има Македонци во Војводина, а можеби би требало да ги заинтересира. Ете, на пример, македонскиот јазик овде во Војводина, или во Србија, е во службена употреба во општина Пландиште, ми се чини од 2012-тата година. Општината тогаш ја донела одлуката со која македонскиот бил додаден покрај српскиот, унгарскиот, романскиот и словачкиот јазик. А оваа година, и тоа неодамна, во септември, општината објави со некое известување дека припадниците на националните малцинства можат да ги запишат личното име и податоците според својот јазик и правопис, како и да добијат повеќејазични изводи кога се исполнети законски услови.
Македонскиот е меѓу јазиците наведени за оваа услуга. Тој е во службена употреба. Општината има обврска да овозможи остварување на правата на граѓаните на македонски јазик во рамките на важечките прописи. Законот предвидува употреба на малцинските јазици и во административните постапки, службени евиденции и издавањето јавни исправи. Македонскиот јазик се изучува како изборен предмет во основното образование во Пландиште од 2017-тата година. Тоа е, на пример, нешто што, ете, Македонците не го знаат во Македонија за Македонците во Војводина.
И, на пример, дека единствената македонска редакција, или редакција на македонски јазик, на јавен сервис вон границите на Македонија, е токму Радио-телевизија Војводина во Нови Сад.
Вие сте и познат диџеј, Јулијана. Што слушаат младите Македонци во Војводина?
Ох, на тоа сигурно не го знам одговорот. Младите слушаат тоа што е актуелно за нив лично или што се научени да слушаат дома. Јас настапувам поретко, а клубот во кој најчесто свирам е преполн со разни генерации што доаѓаат да играат. Моите журки се диско, а музиката на младите, барем на децата генерациски блиски до моите, ми е скоро потполно непозната. Неодамна, на пример, моите деца беа на концерт на Ејсап Роки. На пример, иако во моментов, колку што разбрав, прилично популарен изведувач и еден од омилените артисти на ќерка ми, за мене непознат. Но, за да им олеснам и на другите кои не знаат кој е, тој е партнерот на Ријана.
Колку Македонците во Војводина ја чувствуваат Македонија како „матица”, а колку Војводина како дом?
Можам да зборувам само во свое име. Мене ми е Македонија матица, но Војводина ми е дом. Ама дома ми е и кога ќе дојдам во Скопје, во Охрид или во Љубаништа. Тука живеам 20 години и со радост доаѓам таму дома, ама со радост и се враќам овде дома. Веројатно зависи дали се родени тука или дојдени како јас. Познавам, на пример, еден Македонец чија цела фамилија се преселила во Војводина со големите преселби по Втората светска војна и никој од неговата фамилија не е останат во Македонија, па кога оди таму нема преспивање кај баба, стрина, тетка и слично.
Сакам да кажам, тој го зборува јазикот, активен е и во Македонското здружение „Вардар“ во Вршац, но ете, нему Македонија не му е матица, бидејќи целата негова фамилија одамна е преселена во Војводина.

