Во Законодавниот дом денеска се одржа состанок на Советодавната група организиран од Институтот за европска политика (ЕПИ), на кој присуствувале претседателот на Собранието, Африм Гаши, координаторите на пратеничките групи: Беким Ќоку, координатор на пратеничката група ВЛЕН, Оливер Спасовски, координатор на пратеничката група на СДСМ, Рина Ајдари, координаторка на пратеничката група на Европскиот фронт и Павле Арсовски, пратеник на пратеничката група на ЗНАМ.
Како што информираат од собраниската прес-служба, главна цел на состанокот била да се разгледаат резултатите од дебатната анкета (deliberative poll), спроведена во април оваа година, според методологијата на Универзитетот Стенфорд.
Во рамките на овој проект, 136 граѓани од различни региони на земјата биле поканети во Собранието два дена, каде што имале можност да се запознаат со информативните материјали што содржат избалансирани ставови, како и директно да разговараат со пратениците за улогата на Собранието во процесот на членство во Европската унија. Перцепциите на граѓаните биле мерени преку анкетирање спроведени пред и по учеството во овие дебати.

За време на состанокот како што се наведува во соопштението, биле презентирани главните трендови што произлегле од дебатната анкета. Според презентираните резултати, граѓаните појасно ја разбрале важноста на Собранието во процесот на европската интеграција, иако продолжуваат да оценуваат дека Владата има одлучувачко влијание врз секојдневните процеси на европската интеграција.
Наодите истакнале дека Собранието има потенцијал и механизми да ја повика Владата на одговорност за напредокот на процесот на интеграцијата, но дека надзорната улога на Собранието не е доволно искористена.
За време на дискусијата, претседателот на Собранието, Африм Гаши им се заблагодарил на организаторите за нивната вредна работа и посочил дека отворањето на Собранието за граѓаните останува еден од најважните елементи на овој проект. Тој нагласил дека вклучувањето на граѓаните треба да стане одржлив дел од работата и системот на Собранието и да не зависи само од одредени проекти. Претседателот Гаши, исто така, ја нагласил својата и посветеноста на Собранието за усвојување закони со подобар квалитет и зголемување на бројот на јавните дебати.
Пратениците кои учествувале на состанокот ги презентирале своите ставови за резултатите од анкетата и дискутираа за различните димензии на предизвиците со кои се соочува Собранието во процесот на европската интеграција.
Како заклучок, како што се наведува во соопштението, сите учесници ја изразиле својата подготвеност за продолжување на соработката и проширување на овој ангажман преку различните работни формати, со цел зајакнување на улогата на Собранието, зголемување на учеството на граѓаните и унапредување на институционалниот дијалог во процесот на европската интеграција.

