Со промоција на едукативниот настан „Имам став“, пратеници, наставници и ученици од 18 средни училишта во земјата, во македонското Собрание го одбележаа 5 октомври – Светскиот ден на наставникот.
Пратеничката и претседателка на собраниската Комисија за образование, наука и спорт, Иванка Василевска, во обраќањето до младите ги охрабри да бидат отворени, јасно и аргументирано да ги искажуваат своите мислења и да се залагаат за своите ставови.

– Да се говори, значи да се има став, да се има став е право на секоја човечка индивидуа, тоа право не смее никој да го поништи, освен во случаи ако се има лоша намера, предизвикува немир, агресија или некоја негативна конотација во однос на наштетување на друга личност или на една група. Да се размислува и да се дејствува, значи истата таа порака да се артикулира со пошироката јавност бидејќи ако тоа не се пренесе, пораката ќе биде оригинална, но ќе остане на судбината на некоја неодредена иднина. Ве охрабрувам, рече пратеничката Василевска, да бидете отворени, да имате кратка, јасна и прецизна мисла, да се борите за своите ставови, затоа што вам ви припаѓа иднината.
Пред аудиториумот во македонското Собрание, раководителот на парламентарниот институт, Златко Атанасов, посочи дека ниеден парламент во светот не функционира сам за себе, а најдобро функционира доколку сè повеќе е изложен на критичкиот став на јавноста и затоа, како што нагласи, нашата главна цел е да создадеме критичко јавно мислење.

– Македонскиот законодавен дом има цел да го приближи Собранието до јавноста, да поттикне создавање активни луѓе, активно изнесување ставови, развивање толеранција, разбирање на другиот, емпатија и други форми со кои можеме да комуницираме сите заедно за подобро да се разбереме. Ниеден парламент во светот не функционира сам за себе, а најдобро функционира доколку сè повеќе е изложен на критичкиот став на јавноста и затоа нашата главна цел е да создадеме критичко јавно мислење – истакна Атанасов.
Во дебатниот дел на едукативниот настан „Имам став“ учествуваа ученици од СУГС „Васил Антевски-Дрен“, кои говореа на три теми, односно „Нарушено ментално здравје кај младите“, „Врсничко насилство, булинг“ и „Младинска невработеност“.

