Во Кавадарци денеска се реализира 25. семакедонски собир на претставници на организации на Македонци од повеќе земји на Балканот.
– На денот кога одбележуваме 154 години од раѓањето на големиот македонски револуционер Гоце Делчев, се собираме сите Македонци и разговараме околу остварувањето на правата што ги имаат Македонците во различни земји. До пред неколку години, ваков собир се организираше во Прилеп. Од пред четири години, почнавме да се среќаваме и во други градови, појасни Борис Темоски, од Граѓанска иницијатива за национална, културна и европска интеграција на македонскиот народ, „Нѐ – има“, со седиште во Прилеп.
Темоски упати благодарност до организацијата на настанот и до локалната самоуправа.

Притоа, подвлече дека ваквите средби се добри и за продлабочување на соработката, во различни сегменти.
На агендата се излагања на претставници на македонските организации од соседните земји за степенот на остварување на нивните национални права, како и тематска конференција „Тиквешкото востание како континуитетот на македонската борба за слобода и независност“.
Утре, предвидени се полагање цвеќе на бистите на дванаесетте стрелани младинци во Ваташа и посета на Музејот на виното во Кавадарци.
