Општина Гевгелија опреми две училници за стручна настава во Средниот општински училишен центар „Јосиф Јосифовски“. Како што информираат општинските власти, опремата е наменета за учениците од стручните насоки, кои на овој начин ќе може да ја одржуваат својата практична настава.

– За овозможување на потребни и современи услови за изведување на наставата во стручните насоки, извршивме набавка и опремување на два кабинети. Просториите со опремата се наменети за учениците од насоките забен техничар и фармацевтски техничар. Вложувањето во современо образование и подобрувањето на условите за учениците и понатаму ќе бидат приоритети во Општината, наведуваат надлежните во информацијата.
Со двата нови опремени кабинети се очекува да се овозможат услови за практична настава, стекнување знаења и развивање на стручните вештини потребни за идната професија на учениците.

