Ново писмо – нов обид на скопската градоначалничка да најде алиби за својата неуспешност. Наместо Арсовска да пишува писма да се фати за работа и скопјани да не чекаат јавен превоз со часови на високите температури. Министерот Златко Перински тврди дека за некој успешно да го раководи градот не се потребни програми кои ќе ги гласа Советот, туку само ефикасно да менаџира. Перински посочува дека има мерки кои ако веднаш ги преземе Арсовска ќе се решат дел од проблемите на скопјани.
- „Сметаме дека пред да дели пари на наменски смени, прво треба да почне да си ги плаќа ратите за автобисите кои нејзиниот претходник ги набави,а сега и ги плаќа Владата. Второ, сметаме дека час поскоро треба да направи средба со приватните превозници, да им го сервисира долгот кој што мислам дека е околу 2 милиони евра, за колку толку да се пополни празнината во градскиот превоз. Трето, мислам дека треба му овозможи услови на директорот на ЈСП да ги сервисира оние 40-тина автобуси кои што најави дека може да ги сервисира и да ги пушти во промет до крајот на месец септември и на тој начин да почне да си го менаџира процесот во рамките на своите надлежности и на некој начин да почне да ги решава проблемите на скопјани. Се останато е нов политички декор и владата не може да го сфати со сериозност“ вели министерот за локална самоуправа Златко Перински во изјава за Алфа.
Арсовска во отвореното писмо, бара од Илиндска пари за нови автобуси, што за Перински е апсурд бидејќи за да се набават 250 еколошки возила се потребни месеци а на скопјани решение за јавниот превоз им треба веднаш.
- „На скопјани им требаат решенија денес. Им требаат брзи решенија. Сите овие набавки траат од година до година и половина. Ние зборуваме за решение од понеделник кога почнува учебната година. Затоа велам дека ова е само уште еден обид на Арсовска за да ја прикрие својата неспособност пред граѓаните. Ние велиме Арсовска предложете план пред Владата и пред граѓаните и тој план почнете да го реализирате. Го обвинувавте Советот, Советот ги донесе потребните програми. Сега кој е виновен? Затоа велиме седнете и почнете да работите. Влегувате во последната година од вашиот мандат барем колку толку исперете го гревот кон скопјани“ вели Перински во изјава за Алфа.
Откако вчера Заедницата на локалните самоуправи повика да си поднесе оставка, бидејќи во тоа гледаат единствени спас за Скопје и скопјани, Арсовска напиша отворено писмо до Владата, во кое повторно вина гледа во сите ноне и во себе за хаосот во главниот град.

Првиот човек на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски вчера посочи и дека скопските градоначалници се подготвени да иницираат законски измени за да се овозможи предвремена смена на раководството на Градот.
Градоначалниците се на ист став со Владата дека проблемите се таложат и освен со јавниот превоз, проблеми има и во „Водовод и канализација“, во „Комунална хигиена“ и во „Паркови и зеленило“, односно во сите јавни претпријатија, а вината е во менаџерот.
