Брзина поголема од пропишаната е најчестиот прекршок во Македонија. Тоа е и главната причина затоа што се губат над 100-тина животи годишно во земјава. Не помалку регистрирани се и возачи кои управуваат без возачка дозвола, или минатата година такви биле изречени 22 илјади казни. Во првите три дена од јуни бројките се алармантни, дури 521 возачи биле фатени како беснеат по улиците, а над 470 се паркирале таму каде е строго забрането. Началникот на Секторот за сообраќајни работи, Маја Арсовска Манов, за Алфа вели МВР цели кон тоа да се промени сообраќајната свест кај граѓаните, а електронскиот систем смета дека ќе помогне во исполнување на целта – почитување на сообраќајните правила и прописи.
- „За жал, брзината ни е најголем и најчест прекршок во Македонија, односно управување на возило со брзина поголема од пропишаната. Прекршоците се најмногу бројни и сите измени кои се прават се во насока да се зголеми безбедност на сообраќајот. Се надеваме дека со електронскиот систем за детектирање на сообраќајни прекршоци, значително ќе се намали на сторени сообраќајни прекршоци. Да бидеме реални, не може се да се искорени, познавајќи го нашиот, македонскиот менталитет. Се ќе биде во насока како да се избегне. Но овој систем е добар затоа што човечкиот фактор е сведен на минимум. Нема да има отстапки, нема да има можности, секој оној кој грешел пред законот треба да си ги сноси последиците“ вели Маја Арсовска Манов-Началник на Сектор за сообраќајни работи.
За култура во сообраќајот треба да помогнат и родителите, кои им даваат клуч од возило на малолетни деца или без возачка дозвола. Во таа насока полицијата, истовремено работи и на превенција, која ги опфаќа сите целни групи.
- „Сите целни групи ни се опфатени, во изминатиов период МВР соработува и врши превентивни кампањи и со најмалите. На барање на градинките и училиштата одат, работат со најмалите и им ги покажуваат оние основни правила како да се однесуваат во сообраќајот. Сега се работи и на два прирачници за да се намамат најмалите, од најрана возраст да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и со тоа да имаме побезбеден сообраќај“ вели Маја Арсовска Манов-Началник на Сектор за сообраќајни работи.
„Стави појас“, „Вози одморен“, „Безбедноста на прво место“, децата во сообраќајот се дел од бројните кампињи за превенција кои МВР ги спроведува со Републичкиот совет. Во насока на подобрување на безбедноста, МВР работи на измени на постојните експресни патиштата, а и во легислативата, за во иднина со изградбата автопатите да бидат побезбедни.
