48 часа се чекаат резултатите од микробиолошките анализи кои треба да утврдат која била причината за труењето на повеќе од 150 вработени во РЕК Битола. Министерот за здравство вели дека по добивањето на резултатите ќе биде јасно што точно го предизвикало труењето и дали станува збор за труење од храна или причината е друг фактор.
“Значи ДСЗИ веќе беше на терен и 48 часа трае процедурата и кога ќе заврши таа лабораториска анализа ќе излеземе со информација” – изјави министерот Алиу.
Во последното деноноќие уште дваесетина нови пациенти побарале лекарска помош, а вкупниот број на затруени работници достигна околу 170. Инфектолозите од битолската болница велат дека состојбата кај најголемиот дел од пацинетите е стабилна. Речиси сите се лекуваат дома, а неколкумина одат на дневна терапија.

Сомнежот паѓа на ручекот што го јаделе на 24 март- макарони со болоњезе сос. Од Електрани на Македонија пак посочија дека истата храна во вторникот ја консумирале и вработените во делот „Термо“ во РЕК Битола, ама кај нив досега не се пријавиле никакви симптоми и работниците се добро. Како превентивна мерка, по напливот на луѓе со симтоми на труење со храна мензата во комбинатот е затворена, а инспекциските тимови АХВ и ДСЗИ зеле мостри од храна и брисеви за анализа.
Во централната кујна од Државниот санитарен инспкторат велат дека затекнале недостатоци во однос на одржување на хигиената. Случајот ќе го истражува и Обвинителството.
