Вештачката интелигенција во правосудството, нејзините можности за унапредување на ефикасноста на судските постапки, но и предизвиците поврзани со заштитата на човековите права, транспарентноста и одговорноста, ќе бидат во фокусот на дебатата „Вештачката интелигенција во правосудството: можности и предизвици?“ што ќе се одржи денеска на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.
Настанот го организираат Францускиот институт во Скопје и Амбасадата на Франција, во соработка со Правниот факултет „Јустинијан Први“, Националната школа за судии и јавни обвинители (ENM) и Експертиз Франс.
Дебатата ќе ја отворат францускиот амбасадор во земјава, Кристоф Ле Риголер и деканот на Правниот факултет, проф. д-р Сашо Георгиевски.
На дискусијата ќе учествуваат Емануел Лодик Барон, заменик-директорка на Меѓународниот оддел на ENM и експерт за дигитализација и вештачка интелигенција во обуката на судиите, обвинителката Ана Гоговска Јакимовска, универзитетската професорка Тања Каракамишева Јовановска и Диме Галапчев, основач и директор на ФинкАП.
Во контекст на реформите што земјава ги спроведува на својот пат кон Европската Унија, дебатата ќе овозможи размена на француските и македонските искуства и практики, со цел да се разгледаат условите за етичка и одговорна примена на вештачката интелигенција во правосудството.

