За митрополитот на Дебарско-кичевската епархија, г. Георгиј, годинешниот Велигден е во знакот на ново поглавје. Не само како духовен пастир на една од најзначајните епархии, туку воопшто прв пат во својот живот, Христовото Воскресение го дочекува во Охрид. Чувството е, вели, посебно, бидејќи низ животот велигденски сум минувал низ разни земји, градови и цркви, но за прв пат сум во градот, симбол на верата и заедништвото. Сега празничните денови ги исполнува служејќи утрински и вечерни литургии. Забележува дека сѐ повеќе верници ја препознаваат вистинската смисла на празникот, оти Велигден не е само традиција.
“Црквата не треба да ја гледаме како некоја институција од каде што некој испраќа пораки бидејќи црквата сме сите ние, и јас и вие подеднакво. Подеднакво сите треба да се грижиме традиционалните вредности да им ги пренесеме на помладите генерации, но како што реков, ако самите ние го живееме и бидеме достоен пример за нив” – вели митрополитот на Дебарско-кичевската епархија, г. Георгиј.
Иако современиот начин на живот, оптоварен со многу грижи и обврски, создава чувство на духовна отуѓеност кај народот, новиот владика забележува позитивен тренд, црквите се многу побројни во однос на изминатите децении. Г. Георгиј цени дека црквата денес има голема улога во зачувување на моралните вредности. Митрополитот, кој речиси една година раководи со епархијата, го прашавме за неговите црковни приоритети.

“Првиот дека е многу важно градењето на црквата како заедница. Најважни ни се луѓето, најважни ни се верниците. Ако успееме да живееме како црква правилно, тогаш мислам дека и ако го ставиме Христос на прво место сѐ ќе си дојде на свое место. Втора работа, можеби што би сакал да ја издвојам е Плаошник, местото каде што Свети Климент на времето поучувал, се молел, бдеел, го изградил универзитетот. Сега е едно прекрасно светилиште, но јас би сакал тој простор да го видам заживеан. Затоа што Охрид ни е ликот пред светот, ама тој лик прво ние самите себеси ќе мораме достојно да си го украсиме” – вели г. Георгиј.
Ниту едно наше прашање не остана неодговорено, па така и она за Катедралната црква „Света Софија“, која премина во надлежност на поглаварот – архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан. Во медиумите се шпекулираше дека со овој чин практично седиштето на МПЦ-ОА се сели во Охрид.
“Точно е дека пред година и половина скоро е донесена одлука од Светиот Синод и Света Софија и манастирскиот конак од Плаошник да бидат под управување на архиепископот. Тоа значи дека при секоја богослужба понатаму во Света Софија најнапред ќе се спомнува името на архиепископот како одговорен за архиепископскиот соборен храм. Инаку, нам ни е дадена довербата да помогнеме во управувањето, така што Света Софија останува повторно на Охрид и охриѓани и во тој дел нема да има никакви измени.” – вели владиката.
Охрид останува духовен и црковен центар, место каде традицијата и верата продолжуваат да живеат, не само како наследство, туку како секојдневна вредност. Во периодот кој претстои ќе се работи на реставрација на многу икони и фрески, а ќе се санираат оштетувањата на црквата Свети Ѓоргија во Охрид.
