Реклама
Македонија

УРЕДНИЧКИ КОМЕНТАР: Телевизија Алфа нема да подлегне под притисоците, клеветите и заканите на Филипче и СДСМ

И од Венко Филипче да е, многу е. И со опозиционерството се…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

И од Венко Филипче да е, многу е. И со опозиционерството се претера. Откако подолго време удира по слободата на говорот и новинарите на телевизија Алфа, сега реши и да клевети и да се обидува да го наруши угледот на телевизијата, а со тоа да влијае врз приходите. Кривични дела за кои некој ќе треба и да одговара. Веројатно затоа немаше храброст сам да се појави и да ја поднесе фамозната кривична пријава, туку низ вода го пушти својот генерален секретар.

Околу самата пријава нема што многу да разјаснуваме и објаснуваме, затоа што така само ќе навлеземе во неговиот лажен свет. Впрочем, таа се темели на оние политички нарачани упади што ни ги вршеше Финансиската полиција уште од времето на Зоран Заев, но таквата пријава никогаш не ја виде светлината на денот поради тоа што и покрај сите притисоци, инспекторите не успеаа да најдат никаква дамка во финансиското работење на телевизијата. Истата судбина како и оние хајки што против Алфа ги вршеше Специјалното обвинителство на осудениот криминалец Катица Јанева. Разликата е што сега, откако и оваа постава на Јавното обвинителство ќе утврди дека пријавата нема основа, Филипче ќе треба да понесе одговорност за тоа што свесно, преку лажни вести и клеветење сака да ги исплаши огласувачите, со што сака да ѝ нанесе финансиска штета на телевизијата. На крајот некој ќе треба да ја плати сметката.

Ваквото однесување доволно говори за сериозниот недостаток на демократски потенцијал кај лидерот на СДСМ. Вакви напади врз медиуми всушност се својствени само за автократи и диктатори, и тоа во периоди кога им гори под нозете. Но, добро е што со време го покажува вистинското лице, затоа што можете да замислете која би била судбината на слободоумните и критички медиуми доколку овој човек се дограби до власта?

Реклама

А колку на Филипче му гори под нозе говори фактот што секој втор ден држи прес-конференции каде се кара со кого ќе стигне. Од Унгарци, Срби, преку ЗНМ, ССНМ, МАН и Агенцијата за медиуми, па сè до неговите довчерашни блиски сопартици. Како сите да се виновни што тој ја доведе една од најсилните партии во Македонија, до ниво на статистичка грешка, односно дури 4-та по рејтинг. Ваквото параноично однесување е својствено за луѓе кои веќе немаат каде да се свртат за спас.

Господине Филипче, ваквите закани и притисоци нема да ве спасат да вродат со плод. Седум години бевте на власт, ги искористивте сите можни методи на притисок, и навистина да постоеше било каков сомнеж за било какво незаконско работење, а не пак перење пари и слично, сигурни сме дека одамна на Алфа ќе ѝ стаевте клуч на врата.

Господине Филипче, не се секирајте вие за Алфа телевизија – ние сме навикнати на ваквите испади од вашата партија. Што се однесува на нашата сопственичка структура, таа е чиста и јавно објавена, исто како и нашиот извор на финансии. Телевизијата живее од реклами и од довербата на нашите огласувачи и гледачи. Патем, Филипче го боли фактот што Алфа телевизија полека, но сигурно станува втора по гледаност во Македонија. А кога втората по гледаност телевизија објавува за вашите грешки, сомнежи за криминал, афери, за фактот дека ја држите СДСМ во ваше заложништво, и ја оставате Македонија без вистинска опозиција, тогаш свесни сме дека боли. А што се однесува на унгарско финансирање, еве прашајте ја вашата потпретседателка колку пари на Сорос се истурени во медиумскиот простор во Македонија за да вие и вашиот златен другар и ментор од Дубаи просперирате?

Притисок и неосновани напади врз ТВ Алфа – СДСМ поднесе кривична пријава за наводни финансиски нерегуларности

СДСМ продолжува да се занимава со ТВ Алфа, очигледно немајќи веќе што друго да каже и што друго да понуди. Отидоа дотаму што поднесоа кривична пријава против сопствениците и управителите на телевизијата за наводни фиктивни договори за маркетинг и реклами, за период од 2017-та година наваму. Опозициската партија бара Јавното обвинителство сега да ја процесуира нивната пријава, иако додека тие беа на власт не успеаја да состават никаква пријава, и покрај постојаните контроли, проверки, инспекции и надзори што ги правеа со години, бидејќи никогаш не успеаја да пронајдат ништо спорно, ниту во сопствеништвото, ниту во финансиите на медиумот.