Операта „Турандот“ од Џакомо Пучини, едно од најзначајните дела во светскиот оперски репертоар, ќе биде изведена на 9 октомври со почеток во 20 часот на сцената на Националната опера и балет.
Како што оопштуваат од НОБ, со претставата ќе диригира италијанскиот диригент Џанлука Мартиненги, а режијата, сценографијата и костимографијата се дело на реномираниот италијански оперски режисер Џанкарло дел Монако. Кореографијата е на Саша Евтимова, концерт-мајстор е Климент Тодороски, додека хор-мајстори се Ѓургица Дашиќ и Јасмина Ѓорѓеска.
Во насловната улога на принцезата Турандот ќе настапи Николина Јаневска, а ликот на Калаф ќе го толкува кинескиот тенор Ѕ-Жао Гуо. Во улогата на Лиу ќе настапи Биљана Јосифов, Тимур ќе го игра Игор Дуловски, а во останатите улоги ќе се појават Драган Ампов, Никола Стојчевски, Јане Дунимаглоски, Диме Петров и Марјан Николовски, придружувани од хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет.
„Турандот“ е опера во три чина, создадена според либретото на Џузепе Адами и Ренато Симони, базирано на драмата на Карло Гоци во адаптација на Фридрих Шилер. Делото останало недовршено по смртта на Пучини, а подоцна го довршил композиторот Франко Алфано.
Операта е препознатлива по богатата оркестрација, впечатливата улога на хорот и по експресивните мелодиски линии, меѓу кои се издвојува прочуената тенорска арија „Nessun dorma“ („Никој не спие“), една од најпознатите арии во оперската литература.

