Под мотото „Да се слушнеме: од вистински гласови до вистинска промена”, Комората на психолози на Македонија вечерва од 19 часот во Домот на културата „Македонија“ во Гевгелија организира јавна трибина.
Како што соопштуваат од Комората, на трибината која е од јавен карактер ќе зборува психологот Розита Андонова од ЈЗУ Општа болница со проширена дејност од Гевгелија заедно со психолози од регионот што ги опфаќа Гевгелија, Богданци, Валандово и Дојран.
На трибината е предвидено психолози и претставници на Општата болница Гевгелија да зборуваат за менталното здравје и да одговараат на прашања од присутни жители на Гевгелија и на околината.
Трибината се организира по повод 10 Октомври, Светскиот ден на менталното здравје, а според организаторите ќе биде посветена на разговорот за менталното здравје низ различни перспективи, вистинските искуства, предизвиците и можностите за промена во нашата заедница.
По повод Светскиот ден на менталното здравје, Комората на психолози на Македонија во периодот од 6 до 14 октомври организира над 60 работилници, акции и трибини на 15 локации низ државата, наменети за ученици, наставници, родители, млади и сите заинтересирани граѓани.

