Образец за дипломирани студенти на додипломски студии на факултетите и високите стручни школи, образец за лица што стекнале назив магистер/специјалист и образец за лица доктори на науки што одбраниле докторски труд – се трите нови електронски услуги достапни на националниот портал е-услуги – uslugi.gov.mk (линк https://uslugi.gov.mk/ ).
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, на промоцијата заедно со директорот на Државниот завод за статистика, Дејан Станков, по повод пуштањето во функција на новите електронски услуги, рече дека со овие три услуги и претходно веќе промовираната услуга за запишување студенти на прв циклус студии, како и две дополнителни целосно се затвора пакетот услуги за високото образование.
– Со ова се олеснува и начинот на студирање, запишување и завршување на студиите во сите три циклуси на образование. Наша задача е да ја обезбедиме платформата, а квалитетните институции како ДЗС покажуваат зошто е таа добра за користење и полезна за сите граѓани – изјави Андоновски.

Со новата услуга, времето на пополнување од 10 минути за студентите, Андоновски рече дека се намалува на минута до две, со оглед дека сега откога ќе се отвори образецот, веќе е предпополнет со податоци што се достапни во базите на податоци.
-Тоа се статистички листови, односно образци кои што се пополнуваат, на пример студентски прашалник, кој што има 8 или 9 страници. Требаше секој рачно, со пенкало, да ги внесе своите податоци, потоа факултетот да ги собере сите образци, да ги донесе до Државниот завод за статистика, да ги внесе во соодветни системи за да ги анализира. Ги прескокнуваме сите овие чекори и студентот со едноставно влегување на својот профил, прво ќе му се пред-пополнат сите податоци кои што доаѓаат од Централниот регистар на население, што значи возраст, местото на раѓање, име, презиме, податоци за родителите и така натаму, а потоа тој со неколку клика ќе ги пополни сите дополнителни информации кои што му се потребни на Државниот завод за статистика за собирање на овие статистички податоци – појасни Андоновски.
Андоновски нагласи дека порталот за електронски услуги веќе е стабилизиран на бројка од 10 илјади услуги, кои се даваат на граѓаните на месечно ниво, што е раст од 10 пати, ако се знае дека почнавме со бројка од 1.200 – 1.400 услуги во 2024.
-Ќе продолжиме со промоција на нови услуги и во наредниот период. Можам да ги најавам услугите кои се однесуваат на Државниот инспекторат за земјоделство, на Министерството за енергетика, за услуги кои што се со Мој термин со Фондот за здрваствено осигурување, така што во наредниот месец и половина очекувам да имаме десетина нови услуго – изјави Андоновски.

Директорот на Државниот завод за статистика, Станков, на промоцијата рече дека трите нови услуги од областа на високото образование се пуштени во употреба веќе од 1 април и достапни на електронскиот портал за е-услуги.
– Со нивното воведување се овозможува побрзо, поефикасно и поедноставно пополнување и доставување на потребните информации, без административни бариери и со значително заштедено време. Истовремено, на овој начин се олеснува и работењето на факултетите и се намалуваат трошоците на работење и се намалуваат административните бариери. На овој начин и Државниот завод за статистика навремено прибира квалитетни статистички податоци – изјави Станков.
Тој најави дека многу бргу ќе бидат достапни и нови услуги, како што се два нови образци – за запишани студенти на магистерски и на докторски студии, со што ќе се обезбеди целосен интегриран пристап до прибирањето на податоците од областа на високото образование.
На промоцијата беа презентирани и функционалностите на услугите и начинот на нивното користење. Тие, како што беше посочено, имаат цел да го поедностават и да го дигитализираат процесот на доставување статистички податоци за завршени нивоа на високо образование.
Видеото може да го погледнете на следниот линк:
