Се вештачат над 70 мобилни телефони и 30-тина дестоп и лаптоп комјутери, се прават проверки и анализи за истрагата во Кочани. Течат и оние 300 распити кои ги најави обвинителството, со цел да се утврди вината и за кобниот 16-ти март, но и системските пропусти кои се правеле од институциите во континутиет една деценија. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски се надева дека во најкраток временски период истрагата ќе финишира.
- „Истрагата која што се води од страна на јавното обвинителство, сето она што е преземено досега е споделено со јавноста, истрагата се уште е во тек. МВР постапува по насоки добиени од ОЈО. Се надевам дека за максимално краток временски период ќе завршиме со целокупната истрага за да се продолжи со понатомошниот тек на постапката“ рече Тошковски.
Социјал-демократите обвинуваат дека истрагата поогрешно се води, бидејќи не се фокусирала на актуелните пропусти вечерта на трагедијата туку се враќала од кога била отворена дискотеката. Тоа според Бихаќка, се прави да се заштитат актуелните полициски началници и службеници кои, според нив биле директно одговорни.
- „И додека се бркаат чиновници од пред десет години, началниците и командирите што таа вечер имале директна обврска да постапат, остануваат недопрени. Владата сака јавноста да заборави дека полицијата била таму и не направила ништо “ е ставот на СДСМ.
И опозициската партија на Али Ахмети со идентичен став како изминативе денови. За нив истрагата за пожарот во Кочани станала уникатен пример за правна импровизација.

- „Целата академска и правна фела гласно алармира дека овој пристап е антиуставен, спротивен на праксата и антипрофесионален. Тој не произлегува од правната наука, туку од политички договор со извршната власт“,пишуваат од ДУИ.
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, возвраќаат дека во времето на владеење на СДСМ и ДУИ имало селективна правда, наспроти сега кога секој кој има каква било вина ќе ги сноси последиците за трагедијата во Кочани.
- „СДС и ДУИ се синоним за предавства, криминал и неспособност. Во историјата на Македонија немало акција каде било уапсен актуелен министер, актуелен градоначалник, поранешни градоначалници и министри во исто време. Брутално безобразие е партиите СДС и ДУИ да велат дека има селективна акција истите тие чии претседатели се товареа со украдени пари. Венко Филипче не кажува дали има златна виза, а за Заев е познато дека има. Да потсетиме за модуларната болница каде виновникот број еден тогашниот министер за здравство, а сега привремен чувар на фотелјата во СДС немаше заедно со тогашниот премиер Заев ниту еден притворен. СДС се повеќе тоне заедно со ДУИ во безличностата, и во својата неспособност“ одговори Манасиевски од ВМРО-ДПМНЕ.
Инаку, кочанскиот суд вчера под мерки на претпазловост ги стави ексдиректорите на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски и Анета Симеска-Димоска кои останаа без пасоши. По излегувањето од болничко лекување, мерки за претпазливост доби и синот на Дејан Јованов – Деко кој е газда на дискотеката „Пулс“.
Во ефективен притвор останува екс министерот за економија Крешник Бектеши, неговите претходници Ваљон Сарачини и Беким Незири остануваат во домашен притвор. За амбасадорот Дритон Кучи кој исто така раководеше со ова министерство изречени се мерки на претпазливост. Во куќен притвор се и поранешните градоначалници на Кочани, Љупчо Папазов, Ратко Димитриевски и Николчо Илиев, или од првите 24 осомничени 14 се во ефективен притвор. Зад решетки е и актуелниот министер без ресор, Шабан Салиу заедно со уште тројца од 19-те ново осомничени. Вкупно во истрагата на основното обвинителство осомничени се 45 луѓе и три правни лица.
Мерки на претпазливост има и за 14 полициски началници и службеници, за кои истрага се води во ОЈО за ГОКК.
