Македонската заедница ја доделува наградата за животно дело надоврзувајќи се на државната награда на Холандија доделена во 2009 година. Воедно Македонската заедница во Холандија одбележува и 30 години од воспоставување на дипломатски односи меѓу Македонија и Холандија.
Светлана Мишева имаше чест да ја облече „наметката на македонското достоинство“ и стана почесен претседател на Македонската заедница во Холандија. Таа е единствен одликуван граѓанин од македонско потекло во Холандија, а пред 15 години стана член на Редот Оранје-Насау за нејзините заслуги и придонес во холандското општество.
Заради овој исклучителен придонес и достигнување, здружението „Јас сум жена“ изразува искрени честитки до Мишева! Луѓето како неа се мотивација за многу други жени во Македонија и во светот, но и доказ дека Македонија има силни жени на клучни позиции ширум светот.

Која е Светлана Мишева?
Мишева е родена во Пробиштип во 1944 година. Детството и раната младост ги минала во Скопје и подоцна како активен член на фолклорниот ансамбл „Орце Николов“, во 60-тите години на друштвото, настапувала на речиси сите фолклорни фестивали низ целиот свет. Непосредно по земјотресот во 1963 година работела во тимот на јапонскиот архитект Кензо Танге во изградбата на Скопје и на повик на ансамблот „Орце Николов“ повторно заминала на турнеја во Америка, но овојпат на хуманитарни концерти и собирање помош за обнова на македонскиот главен град.
Во Холандија живее од 1971 година и таму помагала на бегалци, сиромашни и болни за чија хуманост, посветеност и грижа е одликувана во 2009 година.
За Мишева зборуваа поранешниот градоначалник на Хендрик-Идо-Амбахт Херман Јонкер во чиј мандат беше доделено одликувањето, Класине Шеле, која ја номинираше Светлана за да го добие ова државно одликување, а Георги Гоце Дуртаноски го презентираше нејзиниот живот со проекција на фотографии од најзначајните етапи од нејзиниот живот кои оставиле трага кај неа и кај другите.
-По А. ден Долард, Светлана Мишева е втората алка на поврзаност меѓу Македонија и Холандија, а на меѓународен план по Мајка Тереза и Есма Реџепова, Мишева е трета личност од Македонија одликувана за хуманост и општо добро, истакна нејзиниот биограф Дуртаноски.
Преку видео-пренос на настанот се обрати и холандската музичка ѕвезда Лени Кур која во 1969 година беше евровизиски претставник на Холандија и една од победничките на Евровизија во Мадрид. Лени Кур упати прекрасни зборови до Светлана Мишева и евоцираше спомени од нивната средба во 1971 година и ја отпеа евровизиската „Трубадур“.
Наградата Златен Птоломеј се доделува за исклучителни заслуги во афирмација на македонската култура во Холандија. Наградата го носи името и симболот на македонската Птоломејска династија која владееше со Египет и чиј штит се чува во археолошкиот музеј Алард Пирсон во Амстердам.
Во својот говор Светлана Мишева ги цитираше Мартин Лутер Кинг, Петре М. Андреевски, Милан Кундера, папата Франциск, нигерискиот филозоф Ахил Мбебе и неговото величество кралот на Холандија кој минатата година за првпат се извини кон жртвите на ропските системи од минатото во кои биле вклучени и неговите претци и повика да се бориме против расизмот. Мишева се заблагодари на кралот Вилем Александар за овој историски говор и рече дека се чувствува повикана и верува дека еден ден ќе доживее да го слушне тоа и од нашите оробувачи во минатото и негаторите на нашиот идентитет од денешницата.
Мишева ги повика Македонците во Холандија и во светот да не се откажуваат од својата културна и идентитетска борба бидејќи, според М.Л.Кинг, „човекот умира тогаш кога одбива да се застапува за она што е правда и за она штое вистина“ и додаде дека утре нашите гробови не смеат да бидат празни (П.М.Андреевски).
