Реклама
Економија

Ставовите на синдикатите и газдите за минималната плата никако да се доближат

Се помалку време за договор за минималната плата меѓу газдите и работниците.…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Се помалку време за договор за минималната плата меѓу газдите и работниците. Кон средината на месецов се очекува да биде свикана нова седница на Економско-социјалниот совет. На неколку денови до средбата, ставовите на синдикатот и на работодавачите никако да се приближат. Од Владата рекоа дека ќе останат неутрални и дека ќе чекаат да го одобрат договорот меѓу двете страни. Дел од работодавачите првично рекоа дека се за минималец од 500 евра колку што бара синдикатот, но со барање Владата да не им наплаќа придонеси на разликата. Сега, пак, некои од нив, велат дека немаат можности да исплаќаат толкави минимални примања, без пораст на продуктивноста, а предупредуваат и дека тоа ќе доведе до незадоволство кај другите работници кои имаат поголеми плати, бидејќи ќе имаат исти или слични примања со неквалификуваните работници. Од Бизнис конфедерацијата велат дека само со социјален дијалог вклучувајќи ја минималната плата во сите сектори, ќе може да се излезе од лавиринтот на вештачко покачување на минималецот.

Ставот на работодавачите ги револтира синдикатите. Доколку не се прифати нивното барање за пораст на минималната плата на 500 евра со тоа што Владата ќе се откаже од придонесите на разликата во период од една година, тие најавуваат генерален штрајк. Од Сојузот на синдикати рекоа дека ќе излезат со нивното членство на улица за да бараат достоинствени примања за работниците чија живеачка поскапува со секој нареден ден.

Челниците на Владата во неколку наврати потенцираа дека нема да се мешаат во меѓусебниот договор на газдите и работниците. Рекоа дека ќе ја прифатат сумата за која работниците ќе прифатат да работат, а газдите да го платат нивниот труд. Сепак, не размислуваат за откажување од придонеси, односно за промени во даночната политика.

Реклама

Аналитичрите коментираат дека треба да се направи детална калкулација за предлогот на синдикатот и како тој ќе влијае врз државниот буџет. Сметаат дека порастот на минималецот треба да го следи и зголемување на продуктивноста, во спротивно само ќе се „подгрее“ инфлацијата во земјава.

Доколку не падне договор меѓу синдикатите и работодавачите, минималната плата ќе остане усогласена законски на нивото од 24.400 денари. Според последните статистички податоци, вработеноста во земјава се зголемила на 46,2%, додека невработеноста е на историски најниско ниво од 11.9 отсто. Само во последните три месеци од минатата година имало нови 13 илјади вработувања.