Македонскиот јазик, идентитет, култура и историја не можат да бидат предмет на разговори – со добро познатиот став на македонската влада, министерот Муцунски, настапил на средбата со неговата бугарска колешка, Велислава Петрова Чамова . Тој ја нагласил потребата за решавање на билатералното прашање, но притоа го потенцирал взаемното почитување и ја отворил темата за македонското малцинство во Бугарија.
„На средбата беа разменети мислења за билатералните односи, регионалната соработка и европската интеграција на државата. Министерот Муцунски го отвори и прашањето за почитувањето на правата на македонското малцинство во Бугарија, нагласувајќи ја потребата од доследно спроведување на пресудите на Европскиот суд за човекови права.“, информираа од МНР.
Се разговарало и за економски теми. Посебен акцент бил ставен на значењето на Коридорот 8 и потребата од забрзување на активностите за отворање на граничниот премин „Клепало“.

Двајцата министри седнаа на заедничка маса на маргините на Самитот на министрите за надворешни работи на НАТО во Хелсингборг. Средбата доаѓа на иницијатива на Муцунски кој минатата недела информираше дека испратил покана, за како што рече да се одржи дијалогот со Бугарија, без разлика на спротивставените ставови за македонската евроинтеграција.
Пред средбата, Петрова Чамова беше децидна дека Бугарија нема да дозволи повторно преговарање на веќе усвоената европска рамка за земјава.
„Обидите на Македонија да го оспори статусот на Протоколот од Вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија според член 12 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка се во спротивност со постигнатиот европски консензус, бидејќи Протоколот е дел од него. Министерството за надворешни работи е доследно во своите активности за спротивставување на овие обиди“ – вели Велислава Петрова-Чамова – министерка за надворешни работи на Бугарија.
Ова е прва средба откако Македонија му упати устен демарш на амбасадорот на Бугарија, Жељазко Радуков откако пред една седмица во Брисел Чамова Петрова ја употреби формулацијата „северномакедонски“. Таа рече дека му порачала на Муцунски дека мора да ги внесе Бугарите во Уставот. Потенцираше дека бугарското МНР преку мрежата на мисии во странство во земјите-членки на ЕУ и во Скопје, вложува активни напори за да спречи какво било повлекување или заобиколување на преземените обврски.
Пред стартот на Самитот на министрите за надворешни работи, Муцунски рече дека ќе инсистира меѓу бројните теми за дискусија да се вметне и прашањето за Западниот Балкан и безбедносните ризици што постојат во овој регион.
„Секако ситуацијата на Блискиот Исток неизбежно ќе се појави и ќе инсистирам да разговараме за Западен Балкан, област во Европа во која има сериозно злонамерно влијание од надворешни фактори и кадешто се уште постојат безбедносни ризици. НАТО е сојуз кој станува се посилен и посилен благодарение на нашата посветеност на 5% трошење за одбрана и во таа смисла мислам дека денес ќе имаме можност да дискутираме за многу од предизвиците кои ги има Алијансата, но и за можностите пред неа“ – вели Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија.
Министрите за надворешни работи на НАТО разговараат за трошоците за одбрана, развојот на одбранбената индустрија и континуираната поддршка за Украина. Шефот на македоската дипломатијата порача дека НАТО треба да продолжи да ги зајакнува инвестициите во одбраната.
