Реклама
Македонија

Средба на собраниската делегација со Берсе: Заеднички одговор на демократските предизвици

Делегација на Собранието на Македонија во Парламентарното собрание на Советот на Европа…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Делегација на Собранието на Македонија во Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ), предводена од заменик-претседателката Иванка Василевска, во состав Беким Ќоку и Бисера Костадиновска-Стојчевска, денеска оствариле средба со Ален Берсе, генерален секретар на Советот на Европа, кој е во официјална посета на државата.

Како што информираат од собраниската прес-служба, Василевска изразила задоволство што посетата се случува во периодот кога ја прославуваме 30-годишнина од нашето членство во Советот на Европа, како и за поддршката што ја добивавме од Парламентарното собрание, Венецијанската комисија и другите специјализирани тела на Советот на Европа кои биле од посебно значење за развојот на парламентаризмот и за зајакнувањето на нашите демократски процеси.

На почетокот на годината, како што се посочува во соопштението, беше финализиран постмониторинг-дијалогот со Парламентарното собрание, како признание дека државата остварила значајни резултати во почитувањето на човековите права и слободи, како и во доследната примена на принципите, целите и високите стандарди на оваа организација.

Реклама

– Исто така, имајќи ја предвид блиската соработка, консултација и координација меѓу Советот и Европската Унија, сметаме дека исполнувањето на обврските и заложбите кон Советот на Европа ќе бидат битен елемент за унапредување, забрзување и остварување на нашата стратешка цел, полноправно членство во ЕУ – потенцирала Василевска.

Берсе упатил честитки за досегашната успешна работа, како и за позитивно завршен постмониторинг-дијалогот со ПССЕ и напредокот на конвергијата на европските вредности.

Василевска го реафирмирала прашањето за десетгодишната забрана за влез на македонскиот адвокат во Бугарија, за што, како што стои во соопштението, Берсе бил внимателен во однос на оваа чувствително прашање, но истакнал дека улогата на адвокатите е важна во демократските земји и тие мора да бидат заштитени.

Ќоку на оваа средба гледал како можност да се разменат искуства и видат одблиску предизвиците на денешницата, додека Костадиновска-Стојчевска оценила дека ПССЕ ѝ придава важност на парламентарната демократија, и покрај различните политички провениенции, пратениците делат исто мислење за стратешките цели на земјата.

Пратениците биле едногласни дека како земја членка на Советот на Европа, силно ја поддржуваат инцијативата за Новиот демократски пакт за Европа како колективен одговор на предизвиците на демократското уназадување, дезинформациите и намалената доверба во институциите.

Од собраниската прес-служба посочуваат дека особено важно е и дека во ноември 2027 државата ќе претседава со Советот на Европа и дека тоа ќе биде одлична можност за зајакнување на соработката.