Грција изрази подготвеност за поддршка на реформите во правосудството во земјава преку споделување искуства, експертска помош и зајакнување на соработката меѓу надлежните институции. Поддршката беше потврдена на средбата на министерот за правда, Јетон Шасивари, со новиот грчки амбасадор, Јоанис Малукос.
Како што информираат од Министерството за правда, на средбата била нагласена важноста на европската перспектива на земјава и натамошното продлабочување на билатералната соработка.
– На средбата, грчката страна изрази подготвеност за безрезервна поддршка на реформите во правосудството, преку споделување искуства, обезбедување експертска помош и зајакнување на соработката меѓу надлежните институции. Министерот Шасивари изрази благодарност за силната и континуирана поддршка од Грција, истакнувајќи дека реформите во правосудството, зајакнувањето на владеењето на правото и усогласувањето со европските стандарди остануваат меѓу клучните приоритети на Министерството за правда – стои во соопштението од Министерството.
Двајцата соговорници ја потврдиле заедничката заложба за унапредување на соработката и конкретна поддршка на реформските процеси од значење за европската иднина на земјава.

