Европската Унија мора да знае да го вреднува она што Македонија го направила на патот кон членството, но и отстапките што ги направила досега. Чешкиот министер Петр Мацинка, по денешната средба во Охрид со својот македонски колега, упати јасна порака дека Чешка отворено застанува зад што поскорото членство на Македонија во европското семејство. Тоа не е само приоритет за Скопје, туку национален интерес на Чешката Република, која е подготвена да биде гласот на Македонија во Унијата.
„Знам дека кога велам дека нашиот пристапен процес не беше лесен, тоа е неспоредливо со тоа колку е комплициран пристапниот процес на Македонија. Тоа одамна ја надминува билатералната рамка. Но сакам да ве уверам дека наш приоритет е Македонија што е можно поскоро да стане членка на Европската Унија. И подготвени сме да направиме многу за тоа. Тоа не е важно само за вас. Важно е и за нас“, – рече чешкиот министер за надворешни работи, Петр Мацинка.
Не бараме привилегиран третман, бараме фер европски процес. Интеграцијата на Западен Балкан не е само прашање на проширување, туку прашање на европска безбедност, стабилност и геополитичка кредибилност – истакна македонскиот министер за надворешни работи, Муцунски, на денешната средба со својот чешки колега Петр Мацинка.

„За нас европската интеграција останува стратешка определба. Ние сме подготвени да ја завршиме нашата работа, да ги спроведеме реформите и да ги исполниме европските стандарди. Но истовремено сме јасни дека процесот мора да биде кредибилен и предвидлив и дека напредокот мора да се вреднува врз основа на резултати, заслуги и однапред утврдени европски критериуми. Во таа смисла, ние не бараме привилегиран третман, ние бараме фер европски процес“, – рече македонскиот министер за надворешни работи, Тимчо Муцунски.
Отворајќи го прашањето за спорот со Бугарија, Муцунски потенцираше дека за нас е значајно да знаеме дека нема да бидеме вреднувани врз основа на билатерални критериуми, туку врз основа на европски стандарди и апроксимација на нашиот целокупен правен и политички систем со тој на Европската Унија.
„Така да, дали треба да се најде соодветно решение? Нема никаква дилема. Но дали сме подготвени да прифатиме решение коешто не ни обезбедува предвидлив пат кон членство, не само да ги отвориме преговорите, туку и да имаме предвидливост за тоа што преговараме и разговараме во текот на преговорите? Тоа е за нас она што е суштинско. И ќе повторам, ние како Влада, но и како луѓе, пред сè сметаме дека преговорите не треба во својот фундамент да засегаат прашања поврзани со јазик, идентитет, историја и култура“, – рече Муцунски.
„Тоа веќе не е билатерално прашање меѓу Македонија и Бугарија. Врз основа на заклучоците на Европскиот совет од 2022 година, тоа всушност стана мултилатерално прашање. Значи, повеќе не е прашање само на две земји, туку е прашање на сите земји“, – рече Мацинка.
Двајцата колеги разговараа и за миграцијата, како една од најголемите закани за внатрешната безбедност на европските држави. Иако не е членка на Унијата, Македонија во повеќе наврати ги брани границите на Европската Унија при мигрантски бранови. Тоа е практичен доказ дека земјава не ја очекува само солидарноста од Европа, туку и самата презема дел од товарот за европската безбедност.

