Советот на Општина Делчево го усвои Општинскиот енергетски план (ОЕП) за 2027 година, кој претставува стратешки и оперативен документ за планирање, управување и развој на локалниот енергетски сектор.
Основната негова цел како што беше кажано на 11. седница е воспоставување систематски, ефикасен и одржлив пристап кон управувањето со енергијата на локално ниво, преку рационално користење на ресурсите, намалување на трошоците и зголемување на енергетската сигурност.
-Општинскиот енергетски план е изработен согласно важечката национална законска рамка во областа на енергетиката, енергетската ефикасност, обновливите извори на енергија, заштитата на животната средина, урбанистичкото планирање и јавните набавки, како и во согласност со европските политики и стандарди. Документот е усогласен со националните стратешки цели утврдени во Интегрираниот национален план за енергија и клима, програмите за енергетска ефикасност и другите секторски политики, при што се земени предвид локалните развојни приоритети и потребите на населението, истакна претседателот на Советот, Николчо Стојменовски.

Со планот како што додадоа од Општината се предвидуваат иницијативи за изградба на енергетски објекти за производство и складирање електрична енергија со инсталирана моќност до 1 MW, во согласност со законските надлежности и добиените согласности од надлежните институции.
-Во рамки на Општинскиот енергетски план се дефинирани и приоритетни мерки и проекти за подобрување на енергетската ефикасност во јавниот сектор, особено во општинската администрација, училиштата, детските градинки, културните и спортските објекти, како и комуналната инфраструктура.Планот предвидува намалување на вкупното годишно трошење на електрична и топлинска енергија и поврзаните буџетски расходи, поттикнување на користење обновливи извори на енергија, особено сончева енергија преку фотонапонски системи на јавни објекти, како и намалување на емисиите на стакленички гасови и подобрување на квалитетот на воздухот, додадоа од Општина Делчево
Усвојувањето на планот го поздрави градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски кој истакна дека истиот ќе овозможи подготовка и реализација на проекти финансирани од државни, европски и меѓународни фондови, развој на паметни енергетски решенија, дигитализација и енергетски мониторинг, како и зајакнување на институционалните и техничките капацитети на општината за управување со енергетски проекти и инвестиции.
Од Општина Делчево посочуваат дека ОЕП има клучно значење за идниот развој на општината, бидејќи претставува практичен инструмент за носење информирани одлуки во областа на енергетиката, инфраструктурата и одржливиот локален развој.
Меѓу клучните придобивки се наведуваат стратешкото усогласување со националните и европските цели за декарбонизација и климатска отпорност, економските заштеди преку рационално користење на енергијата, намалувањето на загадувањето и подобрувањето на условите за живот на граѓаните.
Со усвојувањето на Општинскиот енергетски план за 2027 година, Општина Делчево како што додадоа оттаму поставува основа за долгорочен, енергетски ефикасен и одржлив локален развој.
