Со сослушување на сведоци предложени од Обвинителството, денеска во Основниот кривичен суд Скопје продолжи судењето против поранешниот директор на Клиниката за онкологија Нино Васев, кој заедно со уште двајца онколози е обвинет за несовесно лекување пациенти.
Пред судот беа сослушани тројца оштетени сведоци, законски застапници на починати пациенти, кои зборуваа за лекувањето и конкретната терапија на Клиниката за онкологија.
Двајца денеска сослушани сведоци во случајот „Онкологија“ најавија отштетно побарување и се приклучија на кривичниот прогон, додека еден рече дека ниту бара отштета, ниту се приклучува кон кривичниот прогон, нагласувајќи дека дури е благодарен на доктор Нино Васев.

Првиот сведок, чија сопруга била пациент на Нино Васев на Онкологија, одговарајќи на прашања од обвинителката Ана Гоговска Јакимовска, рече дека во 2013 година била оперирана во приватна болница и девет години била добро, но повторно се појавил проблем за кој требало да се вршат испитувања во Турција или Словенија. Сведокот рече дека на секои 21 ден ја носел да прими хемотерапија, како и неколку зрачења и витамински терапии. Но, како што рече сведокот, состојбата се влошувала и правеле и други консултации, дури биле повторно и во Турција, но немало ефект.
Случајот се наоѓа во доказна постапка. Следното рочиште е на 9 февруари, за кога, како што е најавено, ќе треба да се почне со сослушување на вешти лица од Словенија, кои ги работеле медицинските вештачења за Обвинителството.
