Собранието денеска ќе ја одржи 125. седница, на чиј дневен ред се 25 точки, меѓу кои повеќе законски предлози од областа на јавната администрација, високото образование, животната средина, јавните набавки и работните односи.
Пратениците во второ читање ќе расправаат за Предлог-законот за пријавување и проверка на странски директни инвестиции, како и за Дополнетиот предлог-закон за државната ревизија. Во второ читање е и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за јавните набавки.
На дневен ред се и повеќе предлог-закони по скратена постапка, меѓу кои измените на законите за домување, високи раководители, административни службеници, вработените во јавниот сектор, платите и надоместоците на избраните и именуваните лица, шумите, како и Законот за субвенциониран студентски оброк.
Во прво читање ќе бидат разгледани предложените измени и дополнувања на законите за јавните набавки, животната средина, надворешните работи, данокот на личен доход, заштитата на децата, државните награди, минималната плата и работните односи, како и Предлог-законот за заштита на критична цивилна инфраструктура.
Пред пратениците ќе се најдат и Предлог Националната програма за високото образование со предлог-мерки и Предлог Националната програма за научно-истражувачка дејност со предлог-мерки.
На дневен ред се и предлог-одлуки за изменување и дополнување на составот на собраниските комисии, за распишување јавен оглас за избор на членови на Советот за граѓански надзор, како и за објавување јавен оглас за именување член на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад.

