Собранието денеска во рамки на продолжението на 125. седница ги донесе измените и дополнување на Законот за административни службеници и измени на Законот за административни службеници, двата по скратена постапка.
Предложените законски решенија имаат за цел да обезбедат појасна, единствена, ефикасна и правно сигурна примена на прописите, уредувајќи го статусот на службениците во Службата на Собранието и регулаторните тела на исто ниво со другите посебни државни службеници.
Со предложениот закон исто така се укинува можноста за унапредување на административните службеници без објавување интерен оглас, со што се обезбедува еднаков пристап и примена на мерит системот. Дополнително, се врши јасно разграничување на овластувањата за застапување на Агенцијата во управните и судските постапки, се прецизира запирањето и роковите за доставување акти, а постапката се поедноставува преку отстранување на преклопувањата, единствено со подзаконско уредување и транспарентно објавување на конечните резултати.
Со законот се воведува јасна правна последица со која на административниот службеник кој две години последователно ќе биде оценет со оценка „1 – не задоволува“ му престанува работниот однос по сила на закон. Се овозможува поекономично спроведување на постапките без неоправдано одолговлекување (со задржување на правото на жалба) и целосно се уредуваат дисциплинската и материјалната одговорност.
Законот овозможува усогласено уредување на правото на плата и преку други посебни закони за одредени категории службеници, додека примената на членот 80 се одложува до 1 јануари 2028 година.
Опозициската СДСМ не гласаше за законите, а обвини дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ прво ја укинала независноста на собраниската служба, а сега ја враќа. Исто така, тие имаа забелешки и за одредбите што се однесуваат на санкции за административните службеници.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ Оливер Спасовски истакна дека во законот е ставена одредба за дисциплинирање на администрацијата, па и на Собраниската служба, како и дека до 2024 година Собраниската служба била независна, а исто така и дека осамостојувањето на Собранието треба да продолжи и со независноста на Собраниското обезбедување. – Се нешто се прави во завиена форма за да се остварат некакви цели – рече Спасовски обвинувајќи за политички притисок што е, вели, причина тие да не гласаат за законот.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски рече дека има закони што се добри и што не се добри и оти тоа што не се донело во 2019 година сега се исправа.
-Една работа да пофалевте, да речете добро е – се исправи една работа – рече Мицевски додавајќи дека додека СДСМ биле на власт во периодот од 2019 до 2024 година не биле исправени грешките.
Во однос на независната безбедносна служба на Собранието, Мицвски го посети Спасовски дека тој бил министер за внатрешни работи и можел да придонесе за спроведување на оваа реформа.
Собранието претходно го одржа продолжението на 126. седница.

