По повод Денот на сите македонски светители и одбележувањето на 40-годишнината од епископската служба на поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан, во Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ – Скопје в недела во 9:00 часот ќе се одржи литургиско чествување.
-Возљубени во Господа, по повод празнувањето на Денот на сите македонски светители и одбележувањето на 40-годишнината од епископската служба на Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, упатуваме срдечна покана до сиот верен народ за заедничко литургиско чествување, стои во соопштението од Соборниот храм во Скопје.
Светата Македонска Православна Црква во првата недела од месец октомври, со голема слава и чест го празнува споменот на сите македонски светители, кои со своите богоугодни дела имаат големо значење на само за македонскиот народ, туку и за целиот Христијански свет.
Архиепископот Охридски и Македонски, г.г. Стефан замонашен е на 3 јули 1986 година во манастирот „Свети Наум Охридски“ во Охрид, хиротонисан е за епископ на 12 јули 1986 година во храмот „Свети Димитриј“ во Скопје, како митрополит Злетовско-струмички, а по поделбата на епархијата, именуван е за митрополит на Брегалничката Епархија, со седиште во Штип.
Во наредните години, покрај работата на Православниот Богословски Факултет, бил главен уредник на весникот „Црковен живот“, а ги вршел и функциите ректор на Македонската Православна Богословија – Скопје, во периодот 1991 – 1999 година, и портпарол на Светиот архијерејски синод.
На Црковно-народниот собор, одржан на 9.10.1999 година, во Соборниот храм на древната Охридска Архиепископија „Света Софија“ во Охрид, бил избран, а на 10.10.1999 година востоличен како петти Поглавар на Македонската Православна Црква и оттогаш тој ја извршува должноста Архиепископ Охридски и Македонски и на Прва Јустинијана, а истовремено е и надлежен архијереј на Скопската Православна Епархија.

