Реклама
Македонија

Со новото поскапување на цигарите, државата ќе го намалува бројот на пушачи или само ќе си го полни Буџетот ?!

 Ударите врз џебот на граѓаните продолжуваат. Со почетокот на годинава, поскапеа и…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

 Ударите врз џебот на граѓаните продолжуваат. Со почетокот на годинава, поскапеа и цигарите. Од два до четири денари по кутија. Државата се правда дека тоа се должи на законското усогласување на домашната акцизна стапка со минималната акцизна стапка во ЕУ, но и со целта – да се намалел бројот на пушачи, а со тоа да се заштитело и здравјето на граѓаните. Ама, во најтутунскиот македонски град, жителите поделени во ставовите. Поголемиот дел од нив сметаат дека зголемените цени нема драстично да го намалат бројот на пушачите, но затоа дополнително ќе го оптоварат семејниот буџет, велат тие.

   „Јас, и да се 10 денари, сакам да ги откажам, ама не можам. И 300 да ги направат, пак ќе ги купувам. Не е начин дека со поскапувањето ќе се намалат цигарите. Она е добро што ги затворија кога се продаваат цигарите да не се гледаат, за нови пушачи да не се јават. А старите ќе си останат пушачи што биле“, – ни рече еден прилепчанец.

  „Цигарите, оти јас не сум пушач, и дупло да бидат, не е проблем за мене. Ама, тој што мисли да пуши, ќе пуши, колку сака скапи нека се“ – кажа друг.

Реклама

   „Зависи од можностите. Кога ќе имаме, ќе купиме, кога ќе немаме, нема да пушиме“, – вели анкетиран граѓанин.

   „Тој што е страсен пушач, него ништо не го запира. Ти кажувај му нему вака-така, тој ќе си тера. И три стотки да се, тој пак ќе си пуши“, – посочува повозрасен прилечанец.

   „И да се зголемат цените, има на пазар тутун што е поевтин и ќе си виткаат цигари“, – кажа една прилечанка.

   И додека цената на цигарите контунуитано расте, единствениот државен откупувач на тутун, прилепскиот Тутунски комбинат, по бурните реакции на тутунарите за годинашните ниски откупни цени, деновиве, среде откупна кампања, одлучи да ги поткрене откупните цени, но само за 10 проценти што е далеку од она што го бараат тутунарите. „Откупувачите го собираат кајамакот, а нам ни даваат трошки“, реагираат тутунарите кои речиси цел месец се во тивок бојкот на годинашниот откуп.

  Инаку, годинава од последните зголемени акцизи, а кои се во согласност со измените на Законот за акцизи донесен во октомври лани, во државниот Буџет ќе се слеат 797 милиони денари. Според усвоените измени, поскачувања ќе има до 2030 година, а акцизата на цигарите ќе се зголемува за 0, 23 денари по парче. Акцизата претставува втор приход во Буџетот на државата. Лани, речиси 50 посто од приходите од акцизите биле од тутунски производи.