Скопје е во срцето на Европа овие денови. После 3 дена на Европскиот младински олимписки фестивал се постигнати огромни достигнувања. Се уриваат рекорди, се освојуваат медали, се натпреварува, но и се другарува. Стотици млади од педесет држави се дел од спортската манифестација која за прв пат се одржува во Македонија. Можностите за сите значат многу повеќе од победи. Ова е прилика за мотивација, дисциплина, инспирација, вредности, тимска работа и одговорност. Македонската делегација е најбројна, а министерот за спорт изрази задоволство од сите спортисти и ги мотивира сите федерации кои имаат можност и желба да побараат помош при организација за сениорски, поголеми натпревари.
„Како држава имаме историска шанса да бидеме домаќини на преку 4.000 спортисти и тренери – нешто што не се случува често, ниту лесно се организира. Ова не е само спортски настан, туку инвестиција во иднината на македонскиот спорт. Посебно ме радува што македонските спортисти имаат можност да се натпреваруваат на домашен терен и да се мерат со најдобрите во Европа. Ова е огромна можност за сите нас – институции, спортисти и граѓани“, рече Ристовски.
Европскиот младински олимписки фестивал во Скопје е досега најмасовен. На едно место се собрани четири илјади спортисти кои се натпреваруваат во 15 спортски дисциплини:
„Импресиониран сум од енергијата, организацијата и страста што се чувствуваат овде. ЕМОФ Скопје 2025 веќе го освојува вниманието на цела Европа – сите натпревари се стримаат во живо и бројките се навистина импресивни. Само натпреварот во атлетика вчера достигна 100.000 прегледи. Тоа зборува за значењето на фестивалот и за тоа како спортот го обединува континентот. Скопје, Куманово и Осиек ја пренесуваат пораката на Олимпизмот на најубав можен начин – преку младите, преку спортот и преку солидарноста. Македонија може да биде горда на сето ова што го постигнува“, истакна Капралос.
Естонката Алика Инкери Мозер ќе го памети Скопје по светскиот рекорд кој го постигна во дисциплината во скок со стап. Мотивирани се сите учесници кои посакуваат успех, фер плеј, но и полни трибини:
„Нашата цел е јасна. Сакаме да ја направиме Макеоднија горда, но за тоа сте ни потребнни и вие како медиуми и целата македонска јавност. Ги поканувам сите љубители на спортот да присуствува на сите натпревари каде што се натпреваруваме како делегација, а особено, ќе ни значи вашата поддшка денеска, во 18 часот, во спортскиот центар Борис Трјаковски, каде што играме против Турција и ќе дадеме се од себе да ја забележиме нашата прва победа“, истакна Поповска.
И покрај топлотниот бран и летната жега, спортистите сепак не се откажуваат, иако условите се потешки тие пијат повеќе вода и се ладат со мраз. Организаторите велат дека безбедноста на спортисите е на прво место и прават се што е потребно за да им овозможат најдобри можни услови за натпреварување. Како последица ги удвоија количините на вода, ги почитуваат медицинските мерки, доволни количини на мраз и ладни кади, промена на саатници и климатизирање на сите сали.
Мила Тодорова

