Луна парк конечно се придвижува од мртва точка, најавена е обнова на автобускиот возен парк, а се подготвуваат и мерки за намалување на проблемот со кучињата скитници.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски најавува поинтензивна динамика на терен во повеќе клучни области, со уверување дека Скопје влегува во фаза на постепена стабилизација на дел од долгогодишните проблеми.
Во интервју за Радио Слободна Европа, првиот човек на главниот град изнесе конкретни рокови и планови за наредниот период.

Конкретно, проектот за нов Луна парк повторно се става високо на агендата на Град Скопје. Според најавите, тендерската постапка е во финална фаза и се очекува избор на сериозен изведувач кој ќе го реализира проектот.
Од Градот велат дека новиот забавен парк ќе биде наменет за сите генерации — како простор за семејна рекреација, но и место каде што најмладите ќе создаваат нови спомени.Доколку процедурите се одвиваат според планот, градските власти очекуваат Луна паркот да биде отворен до средината на 2027 година.
Модернизацијата на јавниот превоз е меѓу клучните приоритети на градската администрација. Ѓорѓиевски информира дека процесот со Европската банка за обнова и развој е деблокиран и дека следува тендерирање за БРТ системот.
„За БРТ-то, прво ми е многу драго што конечно со ЕБОР го откочивме процесот. Тоа беше макотрпна работа изминативе повеќе од три месеци, колку што сум градоначалник во градот Скопје…., вели Ѓорѓиевски.
Според најавите, во наредниот период треба да започнат следните фази од постапката.. Паралелно се планира набавка на повеќе од 100 нови автобуси со поддршка од Владата, како и дополнителни најмалку 30 автобуси преку БРТ проектот.
Целта, според градските власти, е постепено да се обнови застарениот возен парк и да се подобри покриеноста на градот.
Ѓорѓиевски даде одговор и на проблемот со кучињата скитници кој останува еден од најчувствителните за скопјани. Од Град Скопје најавуваат засилен институционален пристап — законски измени, проширување на капацитетите на „Лајка“ и поголем фокус на вдомување.
„Убеден сум. Убеден сум дека како и многу други проблеми дека и овој ќе го решиме. Дека ќе има повторно ситуација од над 400 наши сограѓани коишто ќе бидат каснати по улиците, дека градот ќе плаќа над 500,000 евра годишно за судски трошоци и износ којштио се однесува на оштета по однос на каснувањето од куче, нема да биде таква состојабата, рече Ѓорѓиевски во интервјуто.
Во рамки на планот се предвидува и уредување на поголем простор во „Лајка“, кој би бил отворен за посетители и потенцијални вдомувачи.
Градоначалникот признава дека не може да гарантира целосно исчезнување на кучињата скитници до крајот на мандатот, но уверува дека бројот значително ќе се намали.
Во меѓувреме, премиерот Христијан Мицкоски и градоначалникот Орце Ѓорѓиевски извршија увид и во градежните работи на булеварот Македонија — проект со кој Скопје треба да ја добие првата подземна сообраќајница.
Од Град Скопје информираат дека работите се одвиваат со засилена динамика и дека на терен се ангажирани бројни машини и екипи, вклучително и во вечерните часови за да се избегнат дополнителни сообраќајни гужви.
Проектот опфаќа реконструкција и проширување на повеќе клучни сообраќајници во овој потег, со цел подобрување на проточноста и функционалноста на сообраќајот.
