На седницата на Советот на Град Скопје беше усвоен ребалансот на буџетот со кој средствата се зголемуваат за дополнителни 166 милиони денари, средства што директно се враќаат кај граѓаните преку нови капитални инвестиции за нашиот град, соопштува градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Со овој ребаланс се започнува со изградба на нов кружен тек кај Народна банка на Република Македонија – ново сообраќајно решение кое ќе донесе ред и проточност на едно од најоптоварените сообраќајни места во градот и ќе го намали секојдневниот метеж со кој се соочуваат илјадници граѓани. Истовремено се започнува и со изградба на две нови монтажни катни гаражи во рамки на Клинички центар „Мајка Тереза“.
Градоначалникот вели дека со капацитет од околу 500 паркинг места и инвестиција вредна околу 3 милиони евра, конечно се става крај на долгогодишниот проблем со паркирањето во клиничкиот комплекс, кој со години создаваше нервоза, неизвесност и непотребен стрес за пациентите.

„Со овој ребаланс вложуваме и во образованието, затоа што иднината на Скопје почнува токму во училишните клупи“, нагласува Ѓорѓиевски.
