Реклама
Македонија

Сиљановска изненадена од односот на некои европратеници, Мицкоски разочаран што во 21 век се негира нечиј идентитет и јазик во срцето на Европа

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова се сретна со бугарскиот премиер Росен Жељазков. Изненадена…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова се сретна со бугарскиот премиер Росен Жељазков. Изненадена е од најавите за поднесување нови амандмани од бугарските европратеници на извештајот на Вајц за што беше усвоен на вчерашниот состанок на АФЕТ и вели дека синоќа пред вечерата што ја организираше холандскиот крал Вилем-Александер во Хаг во рамките на Самитот на НАТО имала пријатен протоколарен пријателски разговор со Жељазков.

Имав пријатен разговор со премиерот на Бугарија. Разговаравме за нужноста од меѓусебно разбирање, да се почитуваме, за потребата да го следиме духот на двата народа, за да помагаме и за потребата кој е веќе внатре да му помогне на оној кој оди кон ЕУ. Верувам во потребата од пријателство, верувам дека ќе се случи и мислам дека тоа е нешто неминовно. Не можам однапред да предвидам, но од она што го видов вчера гарантира дека низ дебата ќе дојдеме до единство, изјави претседателката Сиљановска Давкова.

Однесувањето на некои европарламентарци во срцето на Европската Унија каде што треба да се почитуваат европските вредности е вистинско разочарување за премиерот Христијан Мицкоски. Според него, не доликува на 21 век, да се негира нечиј идентитет и јазик. Бугарите, но и европратеникот од ЦДУ, односно од Европската народна партија, се обидоа да интервенираат преку амандмани, во извештајот да стојат формулации како „модерен јазик, или современ идентитет“.

Реклама

Тој предупреди дека ваквите обиди не завршуваат тука и дека извештајот повторно може да биде нападнат со сличен амандман на пленарна седница на почетокот на јули, иако истиот веќе бил поразен на ниво на комисија.

Можам да кажам дека не го доживувам ова како победа туку како разочарување. Зошто? Затоа што во 21-ви век во Европа бевме сведоци на обид за создавање на вештачка нација и идентитет, денес, бидејќи тој амандман којшто денеска беше предложен дефакто е обид да се создаде некоја нова ‘модерна’ македонска нација, или некој нов ‘модерен’ македонски јазик, што е само по себе преседан. Јас сум како човек и како Македонец разочаран, така што не го доживувам ова како успех, туку како нешто што за нас претставуваше пречка која што ја поминавме, но не е тоа доволно“, изјави Мицкоски.

Македонскиот идентитет и јазик добија широка поддршка, односно „за“ гласаа 40-мина, 19 „против“ и 10 гласаа воздржано во Комитетот. По усвојувањето на документот, Известувачот Вајц изрази задоволство бидејќи е изгласан со широко политичко мнозинство.Следниот чекор е гласањето на пленарната седница на Европскиот парламент, што ќе се одржи од 7 до 10 јули во Стразбур.

 Инаку, во самиот документ се нагласува важноста од задржување на кредибилитетот на проширувањето, се поздравува усогласеноста на Македонија со европските политики, и се повикува на брзо продолжување на преговорите за членство