Национална конференција „Унапредување на социјалната заштита на лицата со попреченост на локално и национално ниво“ ќе се одржи денеска во Скопје. Во фокусот на настанот во Граѓанскиот ресурсен центар (ГРЦ) ќе бидат финансиската одржливост и децентрализацијата на социјалните услуги, меѓусекторската соработка и поддршката за нивниот развој, како и практичната примена на принципот „Ништо за нас без нас“.
Конференцијата е организирана од Центарот за младински активизам „КРИК“, проектот за инклузија без граници „Кордијал“ и Меѓународната организација „Каритас“. Настанот е поддржан од Европската Унија.
Програмата ќе почне во 9:30 часот, а ќе трае до 16 часот. Најавено е обраќање на протојереј-ставрофор отец д-р Зоран Стојанов, директор на „Каритас Македонија“, како и видеообраќање на Харолд Бреза-Фугер, аташе за социјални политики, здравство, грижа и потрошувачи од Австрија. На почетокот е предвидена и панел-дискусија на тема „Финансиска одржливост и децентрализација на социјалните услуги во заедницата“, а на неа ќе учествуваат градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, градоначалникот на Валандово, Ѓоко Камчев, заменик-градоначалничката на Битола, Марина Крстиќ, в.д. директорот на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа на Град Скопје, Хамза Амети, и извршната директорка на ЦМА „КРИК“, Мила Карадафова Ангеловска.
Во делот посветен на меѓусекторската соработка и поддршката, предвидено е учество на претставници на министерствата за социјална политика, демографија и млади, финансии, образование и наука и за здравство, како и на граѓанскиот сектор.
Настанот ќе продолжи со отворена дискусија под мотото „Ништо за нас без нас“ со нагласка на спроведувањето на тие начела во практика. За искуствата и предизвиците ќе дискутираат Лорета Андреевска, директорка на ОУ со ресурсен центар „Иднина“, Горан Петрушев, раководител на Службата за функционална проценка на деца и млади при ЈЗУ „Здравствен дом“ – Скопје, и Симона Јовеска, вработена советничка за социјални услуги во Општина Битола.

